Новото возило за безбедност и новото медицинско возило во Formula 1 ќе дебитираат за време на претсезонското тестирање во Бахреин од 12-14 март

Името Aston Martin се враќа на Formula 1 патеките по 60 години, но не само како натпреварувач, туку и со возило за безбедност и медицински автомобил. Не на сите трки бидејќи задачите на безбедносните автомобили ќе бидат поделени помеѓу Aston Martin и Mercedes.

„Ние сме многу задоволни што можеме да објавиме ново партнерство со Aston Martin и Mercedes, кои ќе ни обезбедат официјален безбедносен и медицински автомобил за Светскиот шампионат на FIA во Formula 1. Aston Martin и Mercedes-AMG се икони на автомобилизмот , и ние сме горди што ги имаме во нашиот извонреден спорт“, вели Стефано Доменикали.

Новиот извршен директор на Formula 1 уште еднаш ја потенцираше важноста на овие возила за време на секој тркачки викенд. 

„Безбедносното и медицинското возило се исклучително важен дел од Formula 1 и секогаш се тука за да ги чуваат нашите возачи безбедни. Минатата сезона бевме сведоци на херојската брзина и посветеност на персоналот потребни за спасување на Ромен Грожан по неговата драматична несреќа. Автомобилите на Aston Martin и Mercedes-AMG се совршено опремени за брз одговор при обезбедување на безбедност на возачите”.

Инженерите дополнително го унапредиле Aston Martin Vantage Safety Car, создавајќи шасија и аеродинамички надградби за да се направи автомобилот да одработува уште побрзи кругови. Го придвижува 4.0-литарски твин-турбо V8 мотор, а неговата моќ е зголемена на 528 коњски сили, додека забрзувањето од 0 до 100 km/h е за 3,5 секунди.

Внатрешноста е опремена со најсовремени системи, така што екипажот ќе може во секое време преку екранот да го гледа телевизискиот пренос и бројни други параметри, како што се времиња на кругови и позиција на патеката на сите автомобили.

Возач на безбедносното возило ќе продолжи да биде искусниот Бернд Мејлендер.

„Љубителите на Formula 1 ширум светот се воодушевени од враќањето на Aston Martin на патеката, а исто така и јас. Ова е прекрасен и способен автомобил кој претставува нова и возбудлива ера за Aston Martin.

Медицинското возило е Aston Martin DBX, во кое Алан ван дер Мерве ќе седи како возач заедно со лекарот Иан Робертс.