Alfa Romeo останува во Formula 1
Alfa Romeo, тим со богато минато во Formula 1, објави дека е потпишан повеќегодишен договор со Sauber за продолжување на соработката.
По повеќе од 30 години отсуство, Alfa Romeo се врати во Formula 1 во 2018 година. Таа година, тие потпишаа повеќегодишен договор за комерцијално и техничко партнерство со Sauber. Во 2019 година, со потпишување на нов договор, тие ја продлабочија соработката и тимот го смени своето име од Alfa Romeo Sauber F1 Team во Alfa Romeo Racing.
По официјалното продолжување на соработката, Sauber и Alfa Romeo објавија дека продолжението претставува „ново поглавје во долгата и престижна историја на двата бренда со импресивно тркачко наследство“ .
Тие нагласуваат дека поставиле „амбициозни цели“ за развој од година во година и дека новите правила и големи промени што ќе стапат на сила од следната година им даваат можност да направат „значаен чекор напред“. Тие исто така посочуваат дека веќе подолго време работат со финансиски ограничувања кои ќе бидат воведени во Formula 1 за прв пат следната година.
Новиот договор дополнително ќе ги продлабочи нивните односи бидејќи е договорено Sauber Motorsport и Sauber Technology да се спојат со одделот за патни возила на Alfa Romeo.
„Со задоволство објавуваме продолжување на нашето партнерство. Alfa Romeo е неверојатен партнер во последните неколку години, а ние сме уште повозбудени за нашата заедничка иднина “, изјави шефот на Alfa Romeo, Фредерик Васер додавајќи:
„Новите правила ни ја отвораат вратата да направиме дополнителен чекор напред и длабоко верувам дека сме во совршена позиција да направиме значителни подобрувања. Со нетрпение ја очекуваме заедничката иднина и понатамошниот напредок кон врвот на гридот. Оваа добра врска е многу важна за целата наша компанија, и надвор од патеката. Нашите досегашни резултати јасно го покажаа нивото на технологија и производствени можности на одделот Sauber Engineering и убедени сме дека соработката со Alfa Romeo во оваа област ќе има значително влијание врз автомобилската индустрија“.
Извршниот директор на Alfa Romeo, Жан-Филип Импарато е исто така многу задоволен од продолжувањето на соработката:
„Како историска италијанска автомобилска марка, Alfa Romeo е родена на патеката. Тркањето е во нашата крв, и денес сме горди што го ставивме во центарот на нашиот бренд. Ние сме водени од страст и извонредност. За нас, Formula 1 е напреден полигон за идното електрифицирање на нашите производи и ние ја имаме истата визија за иднината. Покрај тоа, мото-спортот носи непроценливо медиумско присуство на глобалната сцена, што сакаме да го искористиме за успешна иднина“.
Alfa Romeo веќе го потпиша новиот Concord договор, кој ги врзува за Formula 1 најмалку до крајот на 2025 година. Тие во моментов се наоѓаат на 8-то место во поредокот на конструкторите по девет трки. Сегашните возачи во тимот, Кими Раиконен и Антонио Џовинаци сеуште не се потврдени за следната сезона.