Од тимот на Red Bull потврдија дека од ГН на Белгија, заедно со Макс Верстапен ќе вози сегашниот возач на Toro Rosso – Александар Албон!

Пјер Гасли имаше многу тежок прв дел од сезоната. Неговиот најдобар резултат беше четвртото место на Силверстон и ова е единствената трка која ја заврши пред Макс Верстапен. На сите други трки, тој не успеа да биде ниту близу до Макс, што јасно го покажува и неговиот бодовен биланс.

Затоа од ГН на Белгија ќе вози за Toro Rosso, заедно со Данил Квјат, а Албон ќе го заземе неговото место во болидот на Red Bull.

„Red Bull е уникатно позициониран да има четворица возачи под договор и може по потреба да ги ротира помеѓу Red Bull Racing и Scuderia Toro Rosso. Затоа, решивме во преостанатите девет трки тимски колега на Макс да биде Александар Албон за да добиеме што е можно повеќе корисни информации и да донесеме правилна одлука за возачот кој ќе вози со Макс во 2020 година“.

„Сите во тимот го поздравуваат Алекс и му даваме целосна поддршка во новата фаза од неговата кариера“, е официјалниот став на тимот за доведувањето на Албон на местото на Гасли.