Адаптибилните LED светла ќе ја подобрат безбедноста на патиштата
Во иднина, предните светлосни групи на современите автомобили ќе може автоматски да ги откриваат и осветлуваат пешаците, како и другите категории на учесници во сообраќајот, кои се поизложени на безбедносни ризици
Покрај тоа, овие светла ќе имаат можност и за проекција на симбол за крстосница и сообраќајни знаци во видното поле на возачот, се во функција на намалување на ризикот од можни сообраќајни несреќи.
Технолошкиот гигант Continental, заедно со компанијата специјализирана за осветлување, Osram, е вклучен во развојот на нова генерација на светлосни групи за возила. Целосно адаптибилните LED светла автоматски ќе ја менуваат формата, должината и интензитетот на светлосниот зрак, во зависност од поставките на системот. Освен тоа, матрилс и ласерските светла ќе проектираат слики на патот, налик на холограм. Сите овие функции се во процес на истражување и развој.
Новата технологија на Osram користи нова форма на пикселизирани LED светла за да се создаде целосно адаптибилен светлосен систем интегриран со сензори лоцирани низ целиот автомобилот. Тој е дизајниран да го подобри постоечкиот адаптибилен систем на LED фарови.
„Како пример, црниот пиксел може да биде искористен за да се спречи LED светлото да осветлува одредени точки, како што е предното стакло на возилото кое поминува. Во исто време, светлосниот зрак би бил посилен во другите области на делување, на пример пешаците кои минуваат улица“, објаснува Анет Хеблинг, менаџер за маркетинг во Continental.
Новата генерација на оваа LED технологија се очекува да биде подготвена за употреба во 2020 година. Од Continental, исто така, има најави за брза апликација во модерните автомобили.
Во исто време, Continental соработува со Osram на развој на светлосна технологија, интерактивна со пешаците и другите учесници во сообраќајот, преку употреба на матрикс и ласерската технологија, која веќе е во употреба кај некои премиум модели (BMW 7 Серија).
„Со автомобили што ги препознаваат пешаците, новата светлосна технологија дури ќе може да проектира слики како пешачки премини, доколку има пешаци на нив“, додава Хеблинг.
Continental ја нагласува важноста на технологијата која може да проектира вакви информации на патот, особено во поглед на развојот на автономната технологија и придружните потреби за меѓусебна комуникација меѓу учесниците во сообраќајот.