Освен фотографии од новите Samsung Galaxy S9 модели, објавени се и некои нови информации за опциите што ќе ги поседуваат овие телефони

На крајот од минатата година, на интернет кружеа гласини за новите модели од Samsung Galaxy S серијата, а на CES настанот во Лас Вегас од оваа компанија официјално објавија дека моделите S9 и S9+ ќе бидат лансирани на Светскиот мобилен конгрес во Барселона. Кога станува збор за најпопуларните телефони на глобалниот лидер на пазарот за паметни телефони, јасно е дека оваа година ова се најочекуваните Android телефони и сигурно ќе бидат една од првите опции за корисниците кои имаат намера да купат топ модел на паметен телефон.

Покрај информација за датумот на лансирањето, но и тизерот во кој се истакнуваат подобрувањата на камерата, од Samsung немаше објавено дополнителни информации за „деветките“. Благодарение на Еван Блас, новинар со одлични извори и чии информации се секогаш прилично веродостојни, веќе се познати повеќето новини кои овој уред ќе ги донесе. Galaxy S9 и S9+ дизајнерски нема да се разликуваат премногу од своите претходници и ќе имаат OLED екран со дијагонала од 5,8 односно 6,2 инчи, со мал раб околу екранот.

Како што напоменува Блас во еден новинарски напис, моделите од Galaxy S серијата веќе нема да се разликуваат само според големината на екранот, туку и според хардверот, па така S9 ќе има 4GB RAM меморија и 64GB за складирање на податоци, додека S9+ ќе располага со поголема количина на RAM меморија (6GB) и двојно повеќе простор за складирање, а разликата, се разбира, ќе биде во цената. И двата модели ќе бидат водени од новата генерација на Qualcomm Snapdragon процесор (845) на пазарите во САД и Кина, додека на другите пазари телефоните ќе поседуваат Samsung Exynos 9810 процесор.

Еван Блас објаснува и на што се однесува официјалниот тизер од Samsung во кој се најавуваат иновации поврзани со камерата – 12MP со променлив отвор на блендата (f / 1,5 и f / 2.4) и можност за снимање на „супер бавно“ видео. Моделот Плус, ќе има и втора 12MP камера на задната страна, а под камерата ќе има сензор за отпечаток од прст, додека на предната ќе има камера од 8MP.

Меѓу другите новини треба да се споменат и стерео звучниците, а добра вест за сите оние кои размислуваат за купување на овој телефон е тоа дека продажбата започнува на 16 март.