Дали „Европскиот зелен договор“ е решение што ќе спречи негативни климатски промени и до 2050 година ќе овозможи климатски-неутрална економија во ЕУ, ќе се знае за неколку години

Производителите на автомобили кои ги продаваат своите модели во ЕУ би можеле да се соочат со уште понедостижни цели за намалување на емисијата на CO2, откако Европската комисија сигнализираше дека ќе ги преиспита веќе поставените цели за 2030 година, пренесува агенцијата Reuters.

И, како да границата од 60 g/km за 2030 година веќе не е доволно строга и ниска, новоизбраната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, прашањето за климатските промени го става на врвот од нејзината законодавна агенда за следните пет години.

Комисијата ќе предложи ревизија на законодавството за стандардите за емисија на CO2 за автомобили и лесни комерцијални возила до јуни 2021 година за да се обезбеди јасна патека од 2025 година па понатаму кон мобилност со нулта емисија, се вели во документот наречен Европски зелен договор (European Green Deal).

Во април, Европската унија донесе регулативи со кои производителите кои продаваат автомобили во ЕУ се обврзуваат да ги намалат просечните емисии на СО2 за 37,5 проценти до 2030 година на 60 g/km (95 g/km до 2021 година), a новата Европска комисија во средата го претстави својот долгорочен план за климатска неутрална економија на ЕУ.

„Комисијата ќе предложи нова цел во рамките на нејзиниот мандат, но секој ваков чекор ќе биде преземен со претходна проценка на економското влијание и ќе бара одобрение од парламентот на ЕУ за спроведување во законодавството“, изјави портпаролката на Комисијата. Сепак, таа одби да коментира дали ќе се разгледа и планираната стапка на намалување на СО2 од 15 проценти за 2025 година.

„Целите за намалување на емисиите се дел од заложбата на ЕУ да се справи со климатските промени со тоа што ќе се стреми кон неутралност на CO2 до 2050 година. Затоа, можно е да се преиспита дали целните вредности се покажале ефикасни за постигнување на целите на политиката, така што тие може да се прилагодат доколку е потребно“, дополни портпаролката.

Патниот транспорт се проценува дека учествува со една петтина од вкупната емисија на издувни гасови одговорни за ефектот на стаклена градина во ЕУ, а отпечатокот на СО2 се зголемува од 2014 година, според најновите бројки на Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Германското здружение на автомобилска индустрија (VDA) соопшти дека се спротивставува на сите нови цели затоа што „постои опасност строгите цели за емисии во целиот свет да бидат дополнително заострени, иако сегашните цели се договорени токму минатата година“, вели претседателот на VDA, Бернхард Мaтес.