Роберт Кубица ја заклучи својата повратничка сезона во Formula 1, но местото на гридот за 2020 година не му е обезбедено

Тој сепак не исклучува ново враќање во Formula 1, иако признава дека не е во негова контрола дали и кога ќе му се даде нова можност.

Пољакот во сезоната која е зад нас, се врати во елитната тркачка серија како возач на Williams, но овој некогаш славен тим целата сезона ја помина на опашката од гридот. Кубица на сите квалификациски трки беше поразен од тимскиот колега Џорџ Расел, но сепак единствениот бод за тимот го заработи токму тој..

Сепак, тоа не беше доволно за да го задржи своето место во тимот. Следната година, за тимот на Williams, покрај Расел ќе вози Николас Латифи, а Кубица ќе мора да побара друга опција, иако и самиот признава дека е реално да се очекува трката за ГН на Абу Даби да била последна трка во неговата Formula 1 кариера.

„Никогаш не знаете во животот. Јас стојам цврсто на земја и реално, поголеми се шансите дека ја извозев последната трка. Јас немам никаква контрола врз тоа. Можеби ќе се појави можност да се вратам, а можеби и не“.

Тешката несреќа на Пољакот во 2011 година го научила дека ништо не треба да се зема здраво за готово:

„Мислам дека научив голема лекција во последните 10 години. Јас во минатото имав договор за уште три години тркање, а завршив во болница со повреди на половина тело и речиси го загубив животот. Се надевам дека ќе биде поинаку овој пат“, вели Кубица.