Стоп за уште еден модел на Alfa Romeo
Италијанскиот производител го затвори производството на двосед моделот 4C по шест години на пазарот
Производството на Alfa Romeo 4C и официјално е запрено, така што на потенцијалните купувачи ќе им бидат достапни само автомобилите кои веќе се во изложбените салони на оваа италијанска марка. Се проценува дека на залиха има уште 20 единици кои се наоѓаат во Франција.
Спортскиот двосед, кој дебитираше во 2013 година во верзијата Coupe и во 2015 година во варијантата Spider, изгледа дека не ги оправда очекувањата на раководството на компанијата. Како информација, моделот 4C Coupe уште во 2018 година беше повлечен од американскиот пазар, а сега е завршено комплетното производство на двете верзии.
По пет години присутност во САД, од купе верзијата биле продадени само 1.700 единици – 406 биле испорачани во 2017 година, а само 95 единици во периодот јануари-мај 2018 година.
Alfa Romeo 4C на пазарот беше лансиран во 2013 година со цел да се одземе парче од колачот од Porsche и неговите Boxster и Cayman модели. Спортскиот двосед има централно поставен 1,75-литарски 4-цилиндерски турбо-бензински мотор, кој произведува 240 КС и 350 Nm максимален вртежен момент.
Моќта се пренесува на задните тркала користејќи 6-степен ТСТ менувач, кој покрај автоматскиот има и секвенцијален режим на работа.
Кога беше воведен 4C Coupe, беше планирано да се прават по 3.500 автомобили годишно, од кои 1.000 за европскиот пазар.
Прекинот на производството на 4C ги потврдува неодамнешните најави дека Alfa Romeo се откажува од спортски автомобили. Поточно, како што пишуваше Automobile Magazine на почетокот на ноември, Alfa Romeo се откажа од најавените модели 8C и GTV, кои беа дел од петгодишниот план откриен во 2018 година.
Двата спортски модела требаше да се појават на пазарот во 2022 година, но челниците на FCA решија да ги ограничат инвестициите во нови модели. Во наредните години, Alfa Romeo ќе се фокусира на кросовер сегментот, и ќе го прошири своето семејство со моделот Tonale.
За 2022 година е планиран уште еден теренец, но во пониската Б-класа, веројатно како наследник на изгаснатиот поткомпактен модел MiTo. Во меѓувреме, редизајн ќе добијат Giulia и Stelvio.