Од 1 јануари 2020 година, Европската комисија ќе ги казнува производителите на автомобили за секој вишок грам јаглерод диоксид (СО2) над зацртаниот просек од 95 грама на километар, и тоа со 95 евра по грам

Ова произлегува од строгата регулатива за утврдување стандардни вредности на емисија на CO2 за новите автомобили и новите лесни комерцијални возила.

Регулативата на ЕК, од производителите на автомобили бара просечна емисија од 95 g/km на ниво на флота веќе следната година, а само пет проценти од продадените возила ќе можат да имаат поголема емисија на CO2 од зацртаната вредност.

Сето ова, се разбира, ќе води до пораст на цената на новите автомобили затоа што дилерите нема да можат да ги компензираат санкциите. Според процената на консултантската куќа Euler Hermes, цената на новите автомобили веќе во 2020 година ќе се покачи за 2,6 проценти во просек, што е само почеток на растот на цените.

Просечната емисија на CO2 кај дизел автомобилите е 121,5 g/km, или многу блиску до емисиите од бензинските возила – 123,4 g/km. Понатаму, се додава дека од 2010 до 2016 година се бележело константно намалување на просечната емисија на СО2 од патничките автомобили за скоро 22 g/km, но во 2017 година емисиите се зголемиле за 0,4 g/km односно за 2.0 g/km минатата година.

Некои од најголемите придонесувачи за зголемувањето на емисиите кај новите патнички автомобили во 2018 година се зголемувањето на учеството на бензинските автомобили во новите регистрации, особено во SUV сегментот, каде што се возила кои трошат повеќе гориво, а со тоа испуштаат и повеќе CO2.

Просечната емисија на CO2 кај новите автомобили продадени во ЕУ во 2018 година изнесувала 120,6 g/km, но доколку е така и во 2020 година, производителите ќе треба да платат огромни казни.

Експертите проценуваат дека ќе станува збор за казни од 20 до 35 милијарди евра, а казните ќе се пресметуваат врз основа на бројот на продадени, а не произведени коли.

Покрај тоа, ЕУ ќе продолжи да го „затегнува појасот“ и по 2021 година, до 2025 година, намалувањето на емисиите на СО2треба да се намали до 15% , а до 2030 година за 37,5%.

Според консултанската куќа PA Consulting, во 2021 година, кога производителите на автомобили ќе треба да имаат просечна емисија од 95 g/km на ниво на флота, барањата ќе успеат да ги исполнат Toyota, Volvo и сојузот Renault-Nissan-Mitsubishi, додека возилата на Ford и Fiat ќе имаат поголеми емисии на СО2, така што ќе плаќаат казни, додека PSA и Volkswagen ќе бидат на граница.

Токму затоа, Fiat-Chrysler се обидува да се договори со Tesla и да плати стотици милиони долари за продажбата на електричните автомобили на овој производител да влезат по продажбата на италијанскиот гигант. Со оглед дека ова е дозволено, Fiat би избегнал плаќање на многу повисоки казни на ЕУ. Построгите стандарди на ЕУ исто така може да ги натераат купувачите да се свртат кон купување користени автомобили кои не се опфатени со регулативата, така што и нивната цена веројатно ќе скока дури и повеќе од цената на новите автомобили.