Ако можеби мислевте дека електричниот седан на Tesla или хиперспортскиот автомобил Bugatti Chiron за производителите носат најголема заработка, веднаш да ви кажеме дека сте биле во заблуда

Најголема добивка носи легендарниот Porsche 911 односно најновата генерација со кодна ознака 992. Таа носи најголема заработка во конкуренција на сите дебитанти кои се појавиле на пазарот во последната година.

Интересно е што 911 не е најпродаваниот модел на Porsche, но тој е најисплатлив. Сочинува само 11% од продажбата на Porsche, но и неверојатни 30% профит, пишува Bloomberg.

Зад 911-та се сите популарни SUV модели и еден Ferrari – F8 Tributo. Ова Ferrari се продава со маржа од дури 50%, што на Ferrari му овозможува профит од 17% или околу 307 милиони евра.

Интересно е што на листа се наоѓа и DBX, SUV моделот на Aston Martin, кој на патиштата ширум светот ќе се затркала дури во декември. Овој модел во 2020 година, двојно ќе ја зголеми продажбата на британската компанија и предвидените 4.500 единици треба да донесат заработка од 21%.

Кога станува збор за SUV моделите, најдобро рангиран е моделот Mercedes GLE, кој со GLS чини 9% од продажбата на марката, но испорачува 24% заработка. Веднаш зад него е BMW X5 со 7% удел во продажбата и 16% заработка.

Објаснувањето за вака огромен профит во случајот со „спортистот“ на Porsche лежи во разновидната понуда.

„Porsche 911 е профитабилен сам по себе, а кога ќе ги додадете бројните варијации, профитот е огромен“, објаснува аналитичарот на Bloomberg, Мајкл Дин.

Моделот при тоа привлекува внимание и со додатоците како што се керамички сопирачки или турбо, кои драматично ја подигнуваат цената, а имаат мало влијание врз производните трошоци.

„Ако претпоставиме дека ќе бидат продадени 10.000 примероци од 911 Turbo, плус GT3 и Turbo S, само Turbo ќе му донесе профит на Porsche од половина милијарда долари“, вели Дин.

Тој потенцира дека 911-та бележи раст во продажбата и покрај сегашниот пад на германскиот пазар, што е еден од најважните за овој модел.

Кога станува пак збор за новиот електричен модел Taycan, Porsche планира да прави 30.000 копии на годишно ниво, а во развојот и производството на моделот има инвестирано 6,6 милијарди американски долари.

Проценките велат дека електричниот модел на Porsche профит ќе почне да остварува дури во 2023 година.