Ferrari воопшто не е заинтересиран за зголемување на годишното производство, иако пазарот вели дека има потреба од тоа

Ferrari е една од 20-те марки на автомобили кои решија да го прескокнат овогодинешното издание на саемот за автомобили во Франкфурт. Наместо тоа, овој производител на суперавтомобили премиерно претстави два нови модели во Италија, во предвечерјето на Салонот во Франкфурт.

За време на презентацијата на моделите F8 Tributo Spider и 812 GTS, маркетинг директорот од Маранело, Енрико Галијери, во интервју за изданието The Drive вели дека Ferrari секогаш ќе произведува помалку возила од побарувачката на пазарот.

„Ferrari останува фокусиран на ексклузивноста, а фактот дека клиентите понекогаш ќе чекаат подолго за својот автомобил, само значи дека ќе сонуваат за тоа подолго“, вели Галијери. „Затоа, тие повеќе ќе уживаат во своето возило кога ќе им биде доставено. Ние секогаш ќе испорачуваме барем еден автомобил помалку од побарувачката“, додава тој.

Тој исто така вели дека стратегијата на компанијата е да ги исполни барањата на акционерите и да донесе нови модели на пазарот – наместо да го зголеми производството на веќе постоечките модели.

Оваа година е значајна за италијанскиот производител бидејќи планираше да лансира дури пет нови модели. Досега се случија премиерите на моделите F8 Tributo, SF90 Stradale, F8 Spider и 812 GTS. Следствено, се очекува уште една новина до крајот на годината, но засега не е познато за каков автомобил станува збор.