Бришењето на апострофот од името на моделот со неговата трета генерација не е единствената новина во новиот Ceed. Автомобилот развиен во Германија, произведен во Словачка, сега е многу подинамичен и позабавен, а благодарение на новите системи на активна и пасивна безбедност и многу посигурен

Kia дефинитивно не штедела пари, кога станува збор за новиот Ceed, бидејќи веќе долго време сака да направи квалитативен чекор напред во компактната класа и да се приклучи на самиот врв. Рака на срце, и минатата генерација на Ceed беше значително подобрена во многу сегменти, но како да отсуствуваше оној последен чекор. Овој пат се чини дека ништо не е оставено на случајноста.

Моторизација

Тестното возило кое ни беше на располагање под капакот го крие познатиот бензински мотор 1.0 T-GDI кој може да се најде и во други модели на Kia. Со овој 3-цилиндeрски турбо мотор со директнo вбризгување од 120 КС и вртежен момент од 172 Nm, Ceed нема никакви проблеми со следењето на токот на сообраќајот. Бидејќи поголема моќност е достапна само при голема брзина на моторот, во пракса е потребно малку подолго време за да ги добиете саканите перформанси. Со мирен стил на возење и помала фреквенција на сообраќај, потрошувачката на гориво што ние ја измеривме изнесуваше 7,5 l/ 100 km, што и не толку далеку од фабричките податоци. Да се разбереме, се зависи до стилот на возење, но и гужвата на скопските улици, која барем до попладневните часови секако е голема. Од друга страна, на автопат – ако се држите до ограничувањата на брзината, потрошувачката може да ја намалите и до 5.5 l / 100 km. Да не заборавиме, користењето на мануелниот менувач со шест брзини преку кој моќноста се префрла на предните тркала е навистина задоволство.

Возна динамика

Новиот Ceed се чини најголемиот напредок го има во возната динамика. Управувачкиот систем е поцврст и подиректен, а повратните информации се појасни и попрецизни – едноставно сè е многу поактивно од порано.

Ако кај претходната генерација често беше критикувана суспензијата, во сегашната генерација, апсорпцијата на нерамнините е поудобна, стабилноста на доста високо ниво, иако нели секогаш има простор за подобрување. Ceed се вози контролирано и прецизно, но не и нервозно. Контролите се лесни, но обезбедуваат добри повратни информации. Подвозјето е цврсто, но истовремено удобно. На овој начин, автомобилот кој во голема мера се избира со разум, дава надпросечно задоволство при возењето.

Внатрешноста е навистина за пофалба

Квалитетни материјали, прегледни инструменти, прекинувачите и командите токму онаму каде што треба.

Брзинометарот и обртомерот се аналогни, со мал екран помеѓу нив, кој ги прикажува податоците од патниот компјутер. На централната конзола се наоѓа 7-инчен екран на допир од мултимедијалниот систем. Благодарение на поддршката за Apple Carplay и Android Auto, целата функционалност на мобилниот телефон на возачот е достапна и во автомобилот.

Прегледноста е одлична, исто како и просторноста која заслужува висока оцена. Предниот дел е удобен и за возачи со висок стас и долги нозе.  Исто така и на задните седишта, како во пределот на главата, така и за колената. Според Kia, Ceed нуди најголем простор за нозете и во задниот дел на автомобилот во својот сегмент. Багажниот простор согласно сегментот – 395 литри со исправени, односно 1291 литар со спуштени задни седишта.

Опрема

На врвот е невозможно да се стигне ако немате богат арсенал на безбедносни системи, така што новиот Ceed веќе стандардно е вооружен со многу нешта кои моментално се на пазарот. Кога сме веќе кај нив, моделот кој го возевме со пакетот Black Pack располага со ESC (систем за контрола на стабилизација на возилото), EBD-ABS (контрола на силата на сопирање и спречување на блокирање на тркалата при ненадејно сопирање) BAS (обезбедува максимална сила на кочење при ненадејно сопирање), TCS (контрола на пролизгување на тркалата), HAC (помош при тргнување на нагорнина), VSM (систем за стабилизација на возилото), ESS (уред за вклучување на сите трепкачи при ненадејно сопирање), TPMS (контрола на притисок во пневматиците), темпомат, ограничувач на брзина, 6 воздушни перничиња, сензори за паркирање назад со звучна и визуелна сигнализација, задна камера за паркирање, безбедносни појаси подесиви по висина… Богато, нема што.

Заклучок

Втората генерација на Ceed беше автомобил со солиден квалитет и вредност, но со новата генерација се е на повисоко ниво. Новиот Ceed нуди перформанси, опрема и удобност што може да се очекуваат од автомобил во овој ценовен опсег.  Новиот Ceed е позабавен, посигурен и похомоген компакт кој е подготвен да се бори за врвот на сегментот.

ФОТО

[useyourdrive dir=”1G2L4j5Z8LB9Jze5gLt8pYFhLv-zICGEC” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]

За повеќе информации за останатите варијанти, нивоа на опременост и цени појдете во салоните на Киа Моторс Македонија или на нивниот веб сајт.