Tesla ги повика работниците да волонтираат за да се забрзаат испораките
„Не прашувај што твојата компанија може да направи за тебе, туку што ти можеш да направиш за неа“ – така американскиот производител бара од своите вработени да волонтираат за да и помогнат на компанијата со цел што побрза испорака на возилата од овој бренд
Според Business Insider, кој имал увид во мејлот пратен од потпреседателот на Tesla испратен до шефовите на оддели во компанијата, американскиот производител на луксузни електрични автомобили бара вработените доброволно да и помогнат на својата компанија потребниот број на возила навремено да се испорачаат до купувачите.
„Потребна ни е вашапомош за испорака на уште 30.000 автомобили во следните 15 дена“, стои во мејлот на Санџеј Шах испратен до шефовите на оддели во компанијата.
И покрај постојаниот напредок во динамиката на испораки во последните квартали, Tesla во својот извештај за последниот квартал на 2018 година наведува дека бројот на возила доставени во Северна Америка може да биде помал во првиот квартал на 2019, а тоа се должи на зголемувањето на извозот на возила за пазарите во Европа и Кина.
Како тоа „доброволна помош“ функционира во реалност, за Business Insider открива еден од од работниците кои учествувале во процесот на испорака на возила.
Тој вели дека прво поминал три часа во возење на автомобилот до новиот сопственик, а потоа му требало исто толку време да се врати назад. Сите трошоци за патот биле платени од страна на компанијата Tesla.
„Сите се вклучивме во ова, бидејќи го сакаме успехот на нашата компанија“, вели тој. „Го направивме тоа поради сигурноста на нашите работни места, но и за компанијата“, вели работникот на Teslа.
Инаку, компанијата уште во јануари објави дека морала да купи дополнителни камиони за транспорт на нови автомобили до нивните сопственици, поради тоа што се соочува со недостаток на капацитет на постоечките.