Падот во продажбата на нови автомобили на Стариот континент продолжи и во ноември

Прилично лошиот резултат кој е за 8.1% помалку во однос на истиот период минатата година се должи првенствено на приомената на WLTP, неизвесноста во однос на излегувањето на Велика Британија од ЕУ, како и протестите во Франција. Минатиот месец во земјите на ЕФТА регистрирани се 1.16 милиони нови автомобили.

Марките со најголем пад на продажбата доаѓаат од групата Volkswagen. Porsche забележал пад од неверојатни 67%, а Audi 41%. Volkswagen бил во „во минус“ од 3,8%, додека Škoda и Seat продале 0,5% повеќе возила отколку во ноември 2017 година.

Кумулативен пад на продажбата има и во PSA групата. Peugeot забележал пад од 6.4%, Opel 8.1% и Citroen 1.6%. Продажбата на Renault, исто така, има сериозен пад. До купувачите се доставени 16% помалку возила од минатата година, но затоа пак Dacia има зголемена продажба за 14%.

Групата FCA исто така е во минус 8%, со значителен пад на продажбата на Alfa Romeo од 47%. Самиот Fiat продал 11% помалку автомобили отколку минатата година, но затоа пак Jeep успеал да стигне до 29% повеќе клиенти отколку во ноември 2017 година.

Оваа година е многу тешка и за Ford бидејќи во Европа продажбата забележала пад од 8,4%.

Во ноември не се добри ниту азиските марки. Пад на продажбата имаат скоро сите – Nissan (-28%), Honda (-14%), Hyundai (-5.3%) и Киа (-1%). Во позитива е само Toyota со 3,5% повеќе продажби.

Во однос на премиум брендовите, најголем губитник е Land Rover, кој продал 9,4% помалку возила од минатата година. BMW остварил помал обем на продажба за 2,4%. Од друга страна, Jaguar забележал раст на продажбата од 46%, а истото важи и за Volvo (12%) и Mercedes (4.2%).