Jaguar Land Rover на светот му го претстави првиот увид во новото технолошко решение што треба да биде од помош за возачите, наречено Оптимизација на брзината на движење на возилото помеѓу два семафора (Green Light Optimal Speed Advisory system – GLOSA)

JLR тврди дека кога системот ќе биде развиен до детали, истиот ќе може да комуницира со семафорите, поради користење на комуникациската технологија на релација возило-инфраструктура (vehicle-to-infrastructure – V2X).

Кога системите во автомобилите ќе станат свесни за временската рамка во која се менуваат светлосните симболи на семафорите, идеалниот опсег на брзина на возилото ќе биде прикажан со зелена боја на инструмент панелот. Ако возачот се прилагоди на предлогот за брзината на возилото, тој ќе може да ја премине следната раскрсница без потребното запирање.

JLR вели дека користењето на ова технолошко решение ќе придонесе за поедноставен проток на сообраќај, намалување на нивото на стресот на возачот и придонес во борбата за почист воздух, особено во градовите.

Инженерот на Jaguar Land Rover, Ориол Кинтана-Моралес, вели дека „ова најново технолошко решение радикално ќе го намали времето поминато во чекање на семафорите“. Технологијата има потенцијал да донесе револуција во стилот на возење, со зголемена безбедност, слободен проток на сообраќај и намален потенцијален стрес на возачот“.

Иако технологијата моментално е во развој, со цел да се примени во патничките автомобили, за што секако ќе биде потребно време, потребно е да биде применета и на објектите од инфраструктурата. Имено, самите семафори треба да се унапредат со инсталирање на соодветен хардвер кој ќе овозможи комуникација на линијата возило-инфраструктура.

Технологија би можела да вклучи и некои други можности: предупредување за ризик од судир, олеснето пронаоѓање место за паркирање и слично. Покрај тоа, ќе биде изводливо и возилата на итните градски служби, со користење на технологија, да ги информираат возачите на други возила, за нивната локација и патека, за да може да се ослободи премин.

Системите моментално се во фаза на тестирање, а возилото за тестирање Jaguar F-Pace е во Велика Британија. Проектот се спроведува како дел од пошироката кампања наречена UK Autodrive.