Хамилтон сака повеќе стартови во земји каде што има реален интерес

Петкратниот светски шампион во Formula 1, Луис Хамилтон, се покажа дека е меѓу оние кои не се особено возбудени од новите трки во календарот. Повод за ова е вклучувањето на Гран при трката во Виетнам во календарот на Formula 1 за сезоната 2020, a za ВВС Хамилтон изјави дека сака да се натпреварува во земји каде што одамна ги сакаат и познаваат автомобилските спортови.

„Не знам од гледна точка на трките дали има потреба да одиме во нови земји“, објаснува Хамилтон. „Но трка на Силверстоун и старт на градска траса во Лондон, ќе биде супер, бидејќи британската публика е нешто различно“.

„Во Велика Британија, Германија и Италија има интерес за моторспорт отсекогаш. Во САД овој интерес расте, но таму има само една трка“, додава Хамилтон. „Ако јас бев на чело на бизнисот, ќе се обидев да има повеќе трки токму во овие држави“.

„Сум бил во Виетнам, таму навистина е убаво. Сум одел и во Индија, уште пред таму да има трка во Formula 1 – тоа е една многу сиромашна земја и одеднаш на едно празно место подигнаа гигантска писта, па целото искуството таму беше чудно. Се сеќавате дека имаше и Гран при на Турција, каде што се натпреварувавме пред празни трибини. Убава патека, убав тркачки викенд, но празни трибини“.

„Зошто да не додадеме кон Гран при на Германија и старт на улиците на Берлин. Според мене, организирање на трки во такви градови е подобра идеја отколку да патуваме до земји, каде што никој не ја познава Formula 1“.

Освен тоа, Хамилтон е против експанзијата на календарот, бидејќи и следната година во него ќе има 21 трка, а се очекува тие да пораснат на 23, па дури и 25. Според него максималниот број на трки во сезоната би требало да биде 18.