Дали следната генерација на Audi TT ќе има купе форма со 4 врати?
Гласини за моделот Audi TT со 4 врати почнаа да се „вртат“ уште од Салонот за автомобили во Париз во 2014 година кога производителот го претстави концептот на TT Sportback
Audi TT Sportback Concept
Овие гласини сега се уште поактуелни, бидејќи магазинот Auto Express објави дека новата генерација на Audi TT добила зелено светло и дека ќе биде драстично различна од сегашната. Се наведува дека овој модел ќе биде презентиран најдоцна за две години.
како што се наведува, концептот TT Sportback не заживеа од едноставна причина што Volkswagen мораше да ги намали трошоците поради скандалот Dieselgate. Сега кога компанијата успешно се опоравува од тоа, овој модел конечно добива „зелено светло“ за производство.
Иако концептот првично беше замислен како верзија на моделот ТТ, но со четири врати, новиот извештај сугерира дека ова повеќе не е случај. Наместо тоа, во Audi одлучиле TT моделот да го продаваат само во форма на купе со 4 врати, како директна замена за сегашниот модел со две врати кој го прослави својот 20-ти роденден оваа година.
Како што наведува неименуван член на одборот на компанијата, намалената побарувачка за спортски автомобили и мали купеа го навело Audi целосно да го реформира брендот TT за да го спаси од гаснење.
Ова секако е голема промена, но тоа не треба да биде изненадување, бидејќи продажбата на TT моделот значително е опадната во текот на изминатата деценија. Агенцијата Carsalesbase вели дека минатата година Audi продал само 2.294 ТТ модели во САД, додека 16.281 примероци од моделот биле продадени во Европа. Пред десет години, продажбата на овој модел била двапати подобра, или 4.355 примероци во САД и 38.335 во Европа.
Иако сите овие информации треба да се третираат со резерва, во извештајот се вели дека новата генерација на Audi TT ќе биде поставена на подобрена верзија на платформата MQB. Се очекува моделот да биде со исти димензии како и концептот TT Sportback, но ќе има нов дизајн кој ќе го следи правецот на дизајнот кој производителот на Инголштат во моментов го применува на своите возила.
Што се однесува до погонот, се уште ништо не се знае, но се претпоставува дека новата генерација на TT ќе биде достапна со широк спектар на бензински и дизел мотори, а подоцна ќе бидат презентирани и plug-in хибрид или целосно електрична верзија.