Почетната цена на VW e-Up! во Германија сега изнесува 22.975 евра

Volkswagen во 2016 година рестилизираниот електричен Up! го ценеше 26.900 евра, што беше повеќе од двојно во споредба со стандардната верзија со бензински мотор. Како резултат на така високата цена за мал градски автомобил, дури и ако е електричен, годишната продажба на овој модел во Европа изнесуваше само неколку илјади возила.

Сега, од Германија, доаѓаат добри вести за европските вљубеници во електричните автомобили – VW ја намали цената на e-Up! за речиси 4.000 евра, па сега тој чини 22.975 евра на германскиот пазар. Иако е-Up! сè уште не е евтин автомобил, ова намалување на цената веројатно ќе привлече нешто поголем број купувачи отколку порано.

Моделот е опремен со електричен мотор со 82 КС (60 kW) и 210 Nm. Автомобилот од 0-100 km/h забрзува за 13 секунди, а максималната брзина е 130 km/h. Благодарение на капацитетот на батеријата од 18,7 kWh, VW e-Up! може да помине до 160 километри пред повторно батеријата да треба да се надополнува.

Новата генерација на овој модел треба да се појави во 2019 година, а се претпоставува дека ќе има поголема автономија за возење (до 270 km) и малку пониска стартна цена, под 20.000 евра.