„Ова беше најлошата година од мојата кариера. Се чувствувам како да остарев пет години“, вели Маск.

Tesla во иднина, покрај различните модели на автомобили и камиони, би можела да произведува е електрични велосипеди, но не и електрични ромобили.

„Електричен велосипед, мислам дека би можеле да направиме електричен велосипед. Но, не ромобил. Некои луѓе сакаа да направат електричен ромобил, но реков не. Му недостасува достоинството“, изјави Маск во интервју за Recode.

Кога во Tesla би можеле да поработат на електричен велосипед, не е познато. Но, затоа Маск дава увид на она што се случувало во Tesla оваа тешка 2018 година.

„Да се изгради успешна автомобилска компанија е неверојатно тешко. Имало многу обиди да се изгради автомобилска компанија и многу пропаднале, па дури и оние кои имале многу клиенти, дилери, сервисери и кои го потрошиле својот капитал за изградба на фабрики, како GM и Chrysler. Како и да е, банкротираа во текот на последната рецесија“, вели Маск и продолжува: „Како стартап автомобилска компанија, многу е потешко да се успее отколку ако сте веќе добро познат бренд. Вистински апсурд е како е Tesla сеуште жива. Апсурд!“, смета Маск.

Тој признава дека настаните од оваа година оставиле белег врз него, компанијата и работниците.

„Ова беше најлошата година од мојата кариера. Се чувствувам како да сум остарел пет години“, рече Маск, но, исто така, открива за што бил најмногу вознемирен.

„Моравме да ги поправиме грешките во системот за производство на Model 3, а беа многу. Сите мораа да помогнат, целиот тим“, вели Маск.

За прв пат Tesla е профитабилна компанија, па логично е да се праша какви се плановите.

„Би сакал да направам суперсоничен електричен авион што би можел да полетува и слетува вертикално. Во одреден момент би било интересно да се направи, но мојата глава ќе експлодира ако се обидам тоа да го направам сега. Иако размислував за тоа во изминатите девет години“, открива Маск.

Сепак открива некои од плановите на Tesla.

„Значи имаме Модел Y, компактен SUV со средна големина. Tesla Semi, кој ќе има голем позитивен ефект. Станува збор за камион за голем товар. Тука е и новата генерација на Roadster, кој ќе биде најбрз спортски автомобил по сите мерила. Побрзо забрзување, поголема брзина, подобра контрола. Нашата цел со Tesla Roadster е да покажеме дека електричниот автомобил може да биде одличен спортски автомобил по сите репери. А тогаш тука е и пикап камионетот, поради што лично сум возбуден. Не можам да откривам детали, но ќе биде навистина футуристички, како пикапот од Blade Runner“, вели Маск.

На крајот, сепак, тој признава дека има работи на кои не е горд, а ги направил оваа година. Прво и основно, тоа се некои твитови кои ги објавил.

„Јас веројатно не би твитнал некои од работите кои ги твитнав. Тоа не беше баш мудро. И веројатно не би влегол во некои кавги на интернет во кои влегов. Веројатно не треба да напаѓам новинари“, вели на крајот Маск и признава дека на некои од нив треба да им се извини. Но, само на некои.