Volkswagen сака да им понуди на германските сопственици на милион дизел возила од постара генерација, од првиот ден од ноември, стимулација за купување на нова генерација на автомобили

Понудата е насочена кон оние кои поседуваат дизел возило кое ги исполнува барањата од Euro 1 до Euro 5 стандардот, и е ограничена на само 14 градови со особено загаден воздух.

Покрај тоа, производителот објави дека понудата се однесува и за области кои се граничат со особено загадените градови, или за оние кои природно се насочени да ги посетуваат градовите со лош квалитет на воздухот. Детали за понудата, или конкретни бројки за поединечни брендови и модели од индивидуалните производители ќе бидат објавени во текот на наредните недели.

Од порано е познато дека стимулацијата би требало да изнесува околу 4.000 евра за замена на возила од генерациите кои го исполнуваат Euro 1 до Euro 4 стандардот, а возилата во согласност со стандардот Euro 5, би се стимулирале со износ од 5.000 евра. Специфичните износи ќе зависат директно од избраниот модел за купување.

Со слична понуда веќе излезе Renault, со тоа што проектираните премии во нивниот случај, достигнуваат износ и до 10.000 евра.

Во неодамна преставениот концепт за решение на проблемот со дизелот, од страна на германската влада, модификациите на механички компоненти за возилата кои го задоволуваат Euro 5 стандардот, претставуваат една од можностите за подобрување на квалитетот на воздухот во погодените области. Сепак, купувачите се само делумно наградени со овој стимул, бидејќи во текот на септември, секој купувач на ново возило во Германија, веќе можеше да смета на просечен и редовен „попуст“ од околу 5.100 евра, на цената утврдена во ценовникот.

„Логично е да се претпостави дека новата стимулација ќе влијае на намалување на попустите“, вели професорот на Универзитетот во Дуизбург Есен, Фердинанд Дуденхофер.

Групацијата VW објави дека ги поддржува владините напори насочени кон избегнување на забраната за дизел во германските градови. Преку имплементацијата на новата програма, од германските улици може да се тргнат повеќе од 210.000 дизел возила од постарите генерации. Тие ќе завршат под преса и нема да се извезуваат во помалку развиените земји.