General Motors: Производителот му се закани на Трамп
Еден од фронтовите на царинската војна кој се случува помеѓу производителите на автомобили и американскиот претседател Доналд Трамп доби нова епизода
Кратко време откако Трамп вети дека ќе воведе царини од дури 25% на сите увезени производи, производителите најавија дека во тој случај одредени модели едноставно нема да ги продаваат во Соединетите Американски Држави (САД).
Сегашната „закана“ се однесува само на еден производител и на еден модел. Станува збор за Buick и кросовер моделот Envision, кој е едно од само три возила на пазарот во САД, произведено во Кина (другите две се Volvo S90 и Cadillac CT6 PHEV). Премиум дивизијата на General Motoros е еден од најдобрите брендови кои се продаваат во Кина со годишна испорака од 1,2 милиони примероци, додека на домашниот пазар само 220.000 единици го пронашле патот до купец.
Buick првобитно побара наведената царинска давачка од 25% овој бренд едноставно да го „заобиколи“, а како причина се споменува дека моделот Envision многу подобро се продава во Кина и дека едноставно нема финансиска смисла производството да се префрли во САД. Минатата година, американските купувачи потрошиле пари за околу 41.000 единици, додека продажбата на кросоверот во Кина била 210.683. General Motors додава дека трансферот на производството на Envision во САД ќе потрае подолго од сегашната генерација на моделот.
Ако администрацијата на Трамп го одбие ова барање, Buick едноставно ќе ја затвори продажбата на Envision во САД, иако моделот чини околу 20% од севкупната продажба на производителот. Додека се чека одговор, компанијата го зголемила производството на максимум и во моментов има доволна залиха за следните шест месеци.
Останува да се види дали и други производители ќе го следат таквиот потег.