Со години германскиот Opel во својата понуда нема „расен“ спортски автомобил, а како што стојат работите така ќе остане и во иднина

Уште од втората генерација на GT, Opel е незаинтересиран за „спортист“, особено поради тоа што наведениот модел, базиран на Pontiac Solstice (2007-2010) не беше добро примен. На промена на ставот кон оваа тема, не влијаеше ниту преставувањето на GT Concept од 2016 година.

Во меѓувреме, Opel се фокусираше на она што сега и носи профит на целата автомобилска индустрија – SUV моделите, па така по Crossland X, Mokkа X и Grandland X за 2020 година се планира нов SUV предводник. Мора да се нагласи дека моментално на Opel добро му оди и со малите автомобили, вклучувајќи ги тука моделите Carl, Adam и Corsa, како и со Astra во компактниот сегмент и Insignia во D сегментот.

Освен овие возила, гамата на Opel ја чинат и електричната Ampera-E, која во суштина е Chevrolet Bolt, потоа моноволуменот Zafira, како и комби моделите Movano и Vivaro.

„Сакам спортски автомобили, но тие се голем предизвик. Можеби сега е полесно, кога сме дел од голема групација (PSA), но би морале да најдеме интелигентно решение, вели новиот директор на британскиот огранок на Opel, Vauxhall, Мајкл Лохшелер.

Од друга страна, електрификација е нешто за што Opel / Vauxhall е исклучително заинтересиран, бидејќи компанијата ќе ги еликтрифицира сите свои модели до 2024 година, потврдува Лохшелер.