И додека дизелгејт скандалот продолжува да ја тресе автомобилската индустрија, некои производители продолжуваат да мамат на тестовите за потрошувачка и издувни гасови

Financial Times пишува дека Европската комисија има докази дека автомобилските производители манипулираат со резултатите од емисиите на издувни гасови кога се тестираат по новите стандарди кои ќе стапат во сила во 2020 година. Сепак, за разлика од претходните случаи, кога покажаните резултати се подобри од постигнатите, сега производителите сакаат да покажат дека постигнале полоши резултати.

Идејата е дека врз основа на овие резултати, во иднина ќе се формираат полесно достижни норми.

Не е познато за кои производители станува збор, но се знаат начините кои се користат за да дојдат „до предност“.

Хибридните автомобили на WLTP тестовите се испраќаат со празни батерии, со цел да се троши дополнително гориво за нивно полнење. На моторите им се онеспособува системот старт-стоп, а намерно се држат и во степен на пренос кој ја зголемува емисијата на CO2.

Покрај тоа што не се знае за кои производители станува збор, не е познато ниту како ќе бидат казнети.