Крај за Alfa Romeo MiTo?!
Говорејќи пред новинарите на тековниот саем во Женева, Серџио Маркиони потврди дека е нереално дека ќе има нова генерација на моделот MiTo
Шефот на FCA, сепак, верува дека MiTo може да го продолжи својот живот во друга каросериска форма, односно да премине во кросовер.
„MiTo во оваа форма нема да има нова генерација, но идејата за SUV модел во таа големина е многу интересна и примамлива за нас. Покрај тоа, треба да имаме на ум дека пазарот за автомобили од Б сегментот со две врати е се помал и помал“, вели Маркионе.
Еден од челниците на Alfa Romeo, Рид Бајгленд, потврди дека иднината за MiTo е во најмала рака неизвесна.
„MiTo и Giulietta се модели дизајнирани за европскиот пазар. Во овој момент, акцентот на Alfa Romeo е глобално враќање, па затоа иднината на овие два автомобили е сеуште неизвесна“, вели Бајгленд.
„MiTo и Giulietta се добри автомобили, но тие не се на ниво на Stelvio и Giulia. Токму овие последните заедно со моделот 4C, моментално го чинат столбот на Alfa Romeo“, дополнува Бајгленд.
Во иднина, Alfa Romeo уште повеќе ќе се фокусира на SUV сегментот, а според Бајгленд во следните неколку години ќе се пласираат повеќе SUV модели.