Фокусот ќе биде ставен на нова димензија на самоуверено присуство, експресивен начин на живот и сигурна индивидуалност, велат од BMW

BMW го објави партнерството со Наоми Кембел за моделот XM, својот најнов електрифициран М модел. Кембел – модел, актерка и една од највлијателните личности во модната индустрија во последните четири децении ќе соработува во светската комуникациска кампања за лансирање на BMW XM на пазарот под мотото „Dare to be You“.

„Слоганот на BMW М (Dare to be You или Осмели се да бидеш) веднаш ме привлече затоа што точно го опишува самоуверениот став кој е неопходен за напредок и позитивни промени“, вели Кембел.

Кембел е посветена на општествените промени и го користи своето присуство на меѓународни модни ревии за да се залага за поголема различност во модниот бизнис. Таа сè уште се смета за пионер на новата генерација таленти кои се појавуваат на креативната и модната сцена.

BMW официјално започна со производство на моделот XM во декември 2022 година, во Спартанбург, Јужна Каролина. Електрифицираниот кросовер со високи перформанси кај дилерите на брендот ќе се појави оваа пролет.

Вклучувајќи го електричниот мотор со неговиот 8-степен автоматски менувач, XM има и 4.4-литарски tein-turbo V8. Самиот мотор развива импресивни 483 КС, додека електромоторот додава дополнителни 194 КС. Во комбинација, ова резултира со моќност од 644 КС, што му овозможува на XM да забрза од 0 до 100 km/h за само 4,1 секунди.

За оние кои бараат уште поголема моќност, BMW планира да претстави XM Label Red Edition со 738 КС, но оваа верзија нема да биде достапна до есента 2023 година.