Продажбата на автомобили со мотори со внатрешно согорување достигна врв во 2017 година и „никогаш нема да се врати на тоа ниво“
Околу 86 милиони автомобили со мотори со внатрешно согорување биле продадени во 2017 година во споредба со 69 милиони минатата година
Една нова студија вели дека продажбата на возила со мотори со внатрешно согорување го достигнала врвот во 2017 година и никогаш нема да се врати на нивоата од пред пандемијата.
Анализа на Bloomberg открива дека продажбата на патнички возила со внатрешно согорување го достигнала врвот во 2017 година со 86 милиони продадени единици, вклучувајќи ја и продажбата на традиционални хибриди. Во меѓувреме, нешто повеќе од милион електрични и plug-in хибридни возила биле продадени во истата година.
Разликата во однос на 2022 година е голема. Минатата година, продажбата на возила со внатрешно согорување паднала за речиси 20 отсто на 69 милиони единици, додека продажбата на plug-in хибриди скокнала на 2,9 милиони, а продажбата на електрични возила со батерии на 7,5 милиони.
Големите пазари како Северна Америка, Европа и Кина го покажуваат истиот тренд. На пример, во Кина во 2017 година биле продадени 24,22 милиони возила со внатрешно согорување, во споредба со само 110.000 plug-in хибриди и 42.000 електрични возила со батерии.
Во 2022 година, продажбата на возила со внатрешно согорување паднала на 17,47 милиони, додека продажбата на plug-in хибриди се зголемила на 1,48 милиони, а продажбата на електрични автомобили се зголемила на 4,6 милиони.
Bloomberg очекува и другите пазари во голема мера да го следат овој тренд. На пример, во Југоисточна Азија, зголемен број електрични возила ќе се продаваат и во наредните години и најверојатно ќе го надминат растот на продажбата на возила со внатрешно согорување. Покрај тоа, значително зголемување на бројот на продадени електрични возила во наредните години се очекува и во Индија.
Во Мексико и Бразил, продажбата на нови возила е главно непроменета. Африка е единствениот континент кој може да забележи мало зголемување на продажбата на возила со внатрешно согорување во 2023 година во споредба со нивото од 2022 година.
На крајот, истражувачите веруваат дека глобалната флота на возила со внатрешно согорување ќе остане релативно стабилна во следните три години пред да почне да опаѓа од 2026 година, бидејќи бројот на електрични возила на патиштата продолжува да расте.