Audi купи удел во Sauber F1 тимот
Германскиот производител влегува во Formula 1 во 2026 година со Sauber како „стратешки партнер“, а во меѓувреме Audi купи помал удел во F1 тимот на Sauber.
Во август минатата година беше најавено влегувањето на Audi во Formula 1 од 2026 година, кога ќе стапат на сила новите правила поврзани со погонските единици во Formula 1 болидите. На оваа објава се надоврза веста од октомври која потврди дека стратешки партнер на Audi ќе биде Sauber. Тогаш беше најавено дека Audi ќе купи удел во тој тим, но до денеска немаше дополнителни информации за тоа.
Sauber потврди дека имплементацијата на претходно зацртаниот план е започната и дека Audi купил помал удел во швајцарскиот тим.
„Sauber Group со задоволсто објавува дека, како што е наведено во плановите миниот октомври, Аudi купи удел во Sauber во текот на јануари 2023 година. Тоа е важен чекор на патот на воспоставување стратешко партнерство помеѓу германскиот производител и Sauber“, се наведува во соопштението на тимот од Хинвил.
Инаку, постоечката база на Sauber ќе биде важен дел од програмата на Audi, но во исто време се гради посебна фабрика во Нојберг, Германија, каде ќе се развиваат погонските единици.
Додека Audi не влезе во Formula 1, Sauber ќе продолжи да се натпреварува под свое име, бидејќи договорот со Alfa Romeo истекува на крајот од претстојната сезона. Што се однесува до погонските единици, Sauber ќе продолжи да ја користи технологијата на Ferrari во следните три сезони.