Автомобилскиот пазар во 2023: победници и губитници
Понудата на автомобили во 2023-та најверојатно ќе биде поголема. Ќе се зголеми и попустот за автомобилите со бензински и дизел мотори. На електричните автомобили сепак им се заканува пад на побарувачката
Изгледите за германските производители на автомобили на пазарот во 2023 година не се розови. Директорот на приватниот институт Centre Automotive Research (CAR) во Дуизбург, Фердинанд Дуденхефер, дури вели дека „сликата е мрачна“ кога станува збор за продажбата на автомобили во Европа.
Мора да се признае, списоците за нарачки се уште се прилично долги, но според анализата на Дуденхефер, вишокот на нови набавки на автомобили е само затоа што некогаш биле прекинати синџирите на снабдување и недостасувале полупроводници и други важни делови.
Помала понуда со поголеми маржи
Заедно со затворањата за време на пандемијата, се разви посебна ситуација – сите производители направија помалку автомобили од првично планираното, така што понудата се намали ширум светот. А произведеното се продаваше со големи маржи. Големите попусти кои беа нормални во индустријата веќе не постоеја.
„На тоа ќе му дојде крајот во 2023 година“, вели Дуденхефер и објаснува: „Списоците на нарачки ќе се намалат, па клиентот ќе биде робата што се бара. Инфлацијата и високите цени на енергенсите, како и рецесијата, ќе доведат до блокирање на купувањето нови автомобили. „2023 година носи заживување на попустите за купување автомобили“.
„Европа како губитник“
Дуденхефер смета дека Европа ќе биде губитник. Тој предвидува мало зголемување на набавката на нови автомобили во Германија, но очекува пад на продажбата во Франција, Англија, Италија, како и во Русија како „посебен случај“ во текот на 2023 година.
Спротивно на тоа, тој очекува зголемување на бројот на продадени автомобили во Азија и Северна Америка. Имено, Кина и Соединетите Американски Држави започнаа програми за заживување на економијата кои би можеле да бидат добри и за автомобилската индустрија.
Се заканува опасност од САД
Администрацијата на Бајден го усвои Законот за намалување на инфлацијата, кој предвидува владини расходи од 430 милијарди долари за период од десет години. Меѓу другото, американската влада му ветува на секој купувач на електричен автомобил намалување на данокот од 7.500 долари, доколку автомобилот е произведен во Соединетите Американски Држави.
Слични правила важат и за сите други гранки, а овие мерки се насочени главно кон Кина. Но, германското здружение на банкари проценува дека законот е доволно недефиниран што може да ги исклучи и производителите на автомобили од Германија, кои потоа ќе мора да отворат производствени капацитети во САД.
Намалување на субвенциите
Во Германија значително е зголемен бројот на регистрирани електрични автомобили. Имено, од јуни 2020 година електричните автомобили со цена под 40.000 евра добиваат субвенции од државата во износ од 6.000 евра, а на тоа производителите на автомобили додаваат попуст од 3.000 евра. Така, продажбата на тие автомобили се стимулира со вкупно 9.000 евра. Купувачите на делумно електрични автомобили со таканаречен хибриден погон можат да сметаат на премија до 6.750 евра.
Сепак, од јануари 2023 година субвенциите се намалуваат, а цената на струјата драстично се зголемува. Олеснување не носи ниту државната „кочница на цената на струјата“ Имено, таа се однесува на 80 отсто од потрошувачката на струја, а полнењето на батериите на електричните автомобили е дополнително оптоварување на енергетскиот биланс на домаќинството.
И производителите на автомобили и еколошките активисти сметаат дека често споменатата „сообраќајна револуција“ е во опасност.
Неповолен ветер од Кина
Во Кина, најголемиот автомобилски пазар во светот, германските производители се изложени на жестока конкуренција. BMW и Мercedes таму продаваат повеќе од 30 отсто од своите автомобили. Концернот Volkswagen vo Kina продава дури повеќе од 40 отсто од своите автомобили.
Но, се чини дека претходната формула за успех на германските производители на автомобили во Кина веќе не функционира кога се во прашање електричните автомобили. Германскиот весник „Handelsblat“ објави дека новата кинеска компанија „Human Horizons“ со својот модел на електричен автомобил „HiPhi X“ е пред конкурентите во сегментот на луксузни автомобили, каде што профитот е најголем. Досега беше домен на Mercedes, BMW и Audi.
Добрата репутација на старите производители ја губи важноста
И во другите сегменти, локалните кинески производители на автомобили како BYD, GAC, Li auto и Nio победуваат во трката со европската конкуренција. Во меѓувреме, германските инженери кои темелно ги тестираат кинеските производи велат дека овие кинески автомобили се квалитетни, но се поевтини.
Даниел Реска, експерт во американската компанија за управување со имот Alliance Bernstein, вели дека традиционалната сила и углед на германските производители на автомобили со бензински и дизел мотори не се пренесува автоматски на електричните автомобили. Тој тренд ќе се интензивира во 2023 година.
Извор: Deutsche Welle