Голем пад на вредноста на акциите на Tesla поради преземањето на Twitter
Компанијата Tesla ги загуби сите свои добивки во изминатите 17 месеци, бидејќи инвеститорите продолжуваат да продаваат акции откако извршниот директор Илон Маск го купи Twitter, пишува Bloomberg Adria
Акциите на производителот на електрични возила паднаа за пет отсто во Њујорк во понеделникот, на 197,08 долари, што е нивно најниско ниво од јуни 2021 година. Тоа воедно и најмногу придонесе за загубите на референтниот индекс S&P 500.
Акциите на Tesla секако имаа лоша година, зафатени од поширокиот пад на ризичните средства на пазарот. Сепак, најновиот пад се случи за време на купувањето на Twitter од страна на Маск, што привлече големо медиумско внимание. Маск го склучи договорот за купување на компанијата за социјални мрежи на 27 октомври и оттогаш жестоко „твита“ за неговите многубројни планови за реформирање на платформата. Оттогаш, акциите на Tesla паднаа за повеќе од 12 отсто, во споредба со едвај променетиот индекс S&P 500 и падот на индексот Nasdaq 100 од 1,9 отсто.
Откако Маск ја објави својата намера да ја купи платформата, инвеститорите на Tesla се загрижени дека милијардерот ќе биде растргнат на повеќе страни обидувајќи се да реализира големи и критични потфати. Инвеститорите особено сакаат тој да се фокусира на Tesla, која поминува низ тешки времиња. Побарувачката за автомобили забавува во инфлаторното опкружување, проблемите со синџирот на снабдување и натаму создаваат потешкотии, а трошоците за суровините се високи.
Извор: Bloomberg Adria