Кинезите доаѓаат! Најавено е кога Европа ќе увезува повеќе автомобили отколку што извезува!
Минатата година европските производители на автомобили извезле само 35.000 електрични возила од Кина во Европа, оваа година таа бројка веројатно ќе биде 66.000
За тоа дека работните места во европската автомобилска индустрија се загрозени, веќе на големо се пишува. Со електричната транзиција, многу компоненти повеќе нема да бидат потребни, а тоа првенствено се однесува на сложените мотори со внатрешно согорување. Проблем е и гигантот од истокот, поточно Кина, која се поагресивно инвестира во автомобилската индустрија и се подготвува да ги освои светските пазари. Дури и европските производители одат таму бидејќи трошоците за производство се помали, а таму е и изворот на најновата технологија за батерии.
Според студијата на PwC, Европа е под зголемен притисок, со потенцијално сериозни последици.
Производителите сега се соочуваат со исклучително тешка конкуренција од Кина, а консултантската компанија PwC предвидува дека Европа ќе увезува повеќе автомобили отколку што ќе извезува веќе во 2025 година. Додека кинеските производители продаваат се повеќе електрични возила во Европа, и европските и американските производители се повеќе го префрлаат своето производство на електрични возила во Кина.
Минатата година европските производители на автомобили извезле само 35.000 електрични возила од Кина во Европа (пример е Dacia Spring Electric, која се произведува во Кина), оваа година таа бројка веројатно ќе биде 66.000. За три години во Европа би можеле да се продадат речиси 800.000 автомобили од кинеско производство, од кои околу 330.000 од кинеските погони на европските автомобилски компании.