Што би можело да се случи на енергетско ниво ако сите се префрлиме на електрични автомобили?
Главното прашање е дали и колку сме во состојба да обезбедиме доволно електрична енергија? Анализа од Bloomberg
Последниве години, возачите ширум светот се повикуваат да ја забрзаат транзицијата кон електрични автомобили, но транзицијата генерира многу сомнежи и процесот се движи со бавно темпо. Едно од главните прашања е дали на енергетско ниво сме подготвени да обезбедиме доволно електрична енергија? Bloomberg направил анализа за да одговори на прашањето.
Според податоците, во моментов во светот има околу 27 милиони plug-in хибридни и целосно електрични автомобили. Нивната годишна потрошувачка на енергија е околу 60 tWh, но глобалната побарувачка за електрична енергија е 28.000 tWh, што е само 0,2 отсто.
Логично е дека бројката е мала затоа што има големи региони во светот без електрификација, па фокусот е на земји како Норвешка, каде што 20 отсто од возниот парк во земјата е веќе електричен. Колкав е процентот од побарувачката на енергија таму? 1,4 отсто, што е повисока бројка, но не многу висока.
Bloomberg очекува прилично брза еволуција на секторот во следните две децении и разгледува две главни можности – едната во која усвојувањето е попрогресивно и во која електричните ќе сочинуваат 75 проценти од автомобилите до 2040 година, и другата уште побрза во која електричните автомобили речиси целосно ќе го покријат пазарот до почетокот на 2030-тите.
Во првото сценарио до 2040 година би имало 730 милиони електрични автомобили, што би значело зголемување на побарувачката за енергија за 7 отсто. Во вториот случај, бројката би се искачила на една милијарда, а побарувачката до 9 отсто. Меѓутоа, бидејќи сите возила не се автомобили, со додавање на камиони, автобуси, мотоцикли итн., процентите би биле (во двата случаи) помеѓу 11 и 15 проценти.