Porsche дебитираше на берзата во Франкфурт
Германскиот производител на спортски автомобили Porsche AG, чија вредност се проценува на 75 милијарди евра, вчера дебитираше на берзата во Франкфурт собираjќи 19,5 милијарди евра свеж капитал наменет за финансирање на електрификацијата на возилата на групацијата Volkswagen
Матичната компанија на Porsche, Volkswagen, утврди почетна цена на акциите од 82,5 евра или на горниот крај од ценовниот опсег од 76,5-82,5 евра што го објави претходно овој месец.
Во 10:35 часот по средноевропско време, акциите на Порше поскапеа за 3,0 отсто во однос на емисионата вредност од 82,5 евра. Тоа ја зголеми проценетата вредност на Porsche на 77,4 милијарди евра, што е над онаа на неговите ривали како на пример Ferrari и блиску до пазарната капитализација на Volkswagen како целина, кој вреди околу 80,1 милијарди евра.
Ова е втора најголема Иницијална јавна понуда (IPO) во Германија од котирањето на Дојче Телеком во 1996 година.
Соочени со десетици милијарди трошоци за радикална промена кон електричната мобилност и развој на софтвер, раководителите на Volkswagen долго размислуваа да го котираат Porsche на берзата, надевајќи се дека ќе ги соберат многу потребните средства и ќе ја подигнат вредноста на самиот Volkswagen. Семејствата Порше и Пих ќе ја зацврстат контролата врз овој спортски бренд со сопственички удел од 25 отсто плус една обична акција со право на глас.
За време на IPO, на инвеститорите ќе им бидат продадени до 113.875.000 приоритетни акции на Porsche без право на глас.