Во земји како Данска, за луксузните електрични автомобили како на пример Tesla, даночните стапки се високи, а некои Германци знаат како тоа да го искористат

Набавката на електрични автомобили во Германија е субвенционирана од државата. За ново електрично возило субвенциите се движат и до 9.000 евра. Но, системот за субвенционирање очигледно има дупки, па не е се како што треба да биде. Како што пишува Spiegel, повикувајќи се на берлинскиот институт Schmidt Automotive Research, одреден број германски купувачи на електрични автомобили прво ги користат субвенциите, а потоа ги продаваат своите автомобили во странство со профит.

„Губитник е германскиот даночен обврзник, кој индиректно субвенционира чист воздух во градовите надвор од Германија, а не во самата Германија“,  вели во извештајот автомобилскиот аналитичар и основач на Schmidt Automotive Research, Матијас Шмит.

Шмит се потпира на податоците од Федералната управа за моторен транспорт – 890.000 електрични автомобили биле регистрирани во Германија помеѓу јануари 2012 и јули 2022 година – но од 1 јули 2022 година, во Германија биле регистрирани само 756.517 возила. Според Шмит, ова е доказ дека повеќе од 100.000 електрични автомобили го напуштиле германскиот пазар.

Според Федералната управа за моторен транспорт, сè е само претпоставка. Разликата може да биде толку голема поради несреќи или гасење. За Шмит, тоа е малку веројатно – на крајот на краиштата, повеќето електрични автомобили не се стари повеќе од десет години, а податоците за сообраќајните несреќи едноставно не ја поддржуваат идејата за толку многу електрични возила надвор од патот.

Во земји како Данска, за луксузните електрични автомобили како на пример Tesla, даночните стапки се високи. Оваа различна даночна практика го прави привлечен моментот да се регистрира автомобил во Германија и да се продава во странство по шест месеци. Германските насоки за финансирање предвидуваат дека купувачите мора да поседуваат електрични автомобили најмалку шест месеци. После тоа, некои вешти трговци веднаш ги продаваат. Овие „легални“ трикови ги чинат германските даночни обврзници стотици милиони евра, па сега се расправа за идејата дека електричните автомобили не треба да се продаваат во првата година од сопственоста. Така, загубата на вредноста би била поголема, а профитот на продаденото возило би бил низок.