Таварес донесе одлука: Stellantis во Крагуевац ќе произведува евтини електрични автомобили
Станува збор за инвестиција од 190 милиони евра, а Србија ќе инвестира 48 милиони
Од 2024 година, фабриката за автомобили во Крагуевац ќе произведува електрични автомобили по пристапни цени за средната класа! Одличната вест за Србија ја соопшти претседателот Александар Вучиќ по средбата и потпишувањето на договорот со претставниците на компанијата Stellantis.
Според српските медиуми, Србија ќе игра важна улога во стратешкиот план „Dare Forward 2030“, кој се заснова на електрификација на сите 14 брендови кои работат во портфолиото на Stellantis, вклучувајќи го и италијанскиот Fiat.
За таа цел, платформата наменета за електрични возила ќе биде инсталирана во фабриката во Крагуевац (државата има удел од 33 отсто во фабриката), од каде од средината на 2024 година ќе пристигнуваат електрични автомобили.
Засега не е познато за кој модел се работи, но најверојатно тоа ќе биде Fiat Panda на електрична енергија, која е базирана на концептот Fiat Centoventi од 2019 година.
„Среќен сум што одржавме важен состанок во турбулентни времиња и постигнавме договор. Ова е многу важен ден за Србија. Денес започнува нова ера и во нашето однесување мораме да ја подготвиме Србија за електрични и хибридни автомобили“, изјави претседателот Вучиќ по потпишувањето на договорот.
Вучиќ изјави дека фабриката во Крагуевац ја чека преоден период во кој треба да се подготват машини и нови производни линии.
„Ова е инвестиција од вкупно 190 милиони евра, а Србија ќе даде 48 милиони. За нас е важно поради Крагуевац, Шумадија, но и цела Србија. Веќе не е прашање само колку луѓе ќе вработиме, туку и каква нова вредност ќе произведеме и како тоа ќе влијае на нашиот БДП“.
„До 2030 година, Stelantis ќе има меѓу 80 и 100 нови модели. Сосема е јасно каква револуција се подготвува на автомобилскиот пазар“, рече Вучиќ.
Како потсетување, Stellantis е четврти по големина производител на автомобили во светот и втор во Европа, кој е создаден со спојување на италијанско-американскиот Fiat-Chrysler и француската групација PSA. Има повеќе од 280.000 вработени ширум светот.