Formula 1: Новата „сребрена стрела“ Mercedes W13 претставен на јавноста / ФОТО+ВИДЕО
Луис Хамилтон и Џорџ Расел во новата сезона од Светскиот шампионат во Formula 1 ќе се натпреваруваат со новиот Mercedes W13, кој официјално е претставен дене
Mercedes така стана осмиот тим кој го претстави својот болид за новата сезона.
Mercedes во периодот од 2014 година освои осум последователни титули во конкуренција на конструктори и седум возачки титули, а сега започнува одново со болид склопен според новите технички правила. Првото нешто што се забележува на болидот е откажувањето од страна на Mercedes од црната боја која доминираше на болидите во претходните две сезони со што W13 се враќа на популарниот прекар „сребрена стрела“.
Штотуку претставен, новиот болид веднаш излезе на пробно возење. Mercedes на патеката Силверстоун го одработи својот „филмски“ ден, во кој има право да извози до 100 километри. Болидот го тестираа Џорџ Расел и Луис Хамилтон.
[?:@MercedesAMGF1] pic.twitter.com/Vu93QQRc9K
— TeamLH44_JP (@TeamLH44_JAPAN) February 18, 2022
Y el W13 ya en pista
And the W13 already on track#F12022 #F1 #MercedesAMGF1 pic.twitter.com/RyTK87yyM6
— Albert Fabrega (@AlbertFabrega) February 18, 2022
Ова ве враќа назад во времето кога сте биле дете. Мислам дека секогаш е возбудливо да се гледа, но сепак ова е нова ера за болидите и никогаш не сме виделе такви драстични промени, нели? Ова е толку голема промена. Беше навистина интересно да се гледаат инженерите и сите останати како работат заедно за да го создадат ова ремек дело, вели Хамилтон.
Седумкратниот светски шампион ќе ја започне својата 16-та сезона во Светскиот шампионат во Formula 1, а десетта како возач на Mercedes. Од другата страна на гаражата е новото лице, Џорџ Расел, кој дојде на местото на Валтери Ботас. Расел беше член на Академијата за возење на Mercedes и во последните три сезони возеше за Williams.
Чувството е извонредно. Јасно, Луис и јас извозевме многу кругови во симулаторот. Ги видовме цртежите, имавме многу состаноци и презентации, но да се види како е сè на своето место, да се видат сите момци и девојки кои вложија толку многу труд за да го создадат овој автомобил, мислам дека е неверојатно.
Сребрeната се врати. Имавме неверојатен дизајн во црна боја во изминатите неколку сезони, но сега среброто се враќа на вистинскиот пат и изгледа одлично, вели Расел.
Во текот на презентацијата неколку пати можеше да се слушне како Тото Волф нагласува дека сите почнуваат од нула оваа сезона со сосема нови болиди.
Тој вели дека нема гаранција дека Mercedes ќе биде во игра за титулата и дека треба да се почека со прогнозите.
Состојбата на умот во нашиот тим е секогаш иста во последните години. Бројот на поени се враќа на нула. Ништо од изминатите сезони нема да ви донесе победа во новиот шампионат. Како и секоја година, ние сме скептични. Се прашуваме дали завршивме доволно добра работа во подготвителниот период, но тоа е вистинскиот менталитет.
За мене, двата најдобри моменти секоја година се палењето на моторот и склопувањето на болидот. Ја гледав оваа неверојатна машина последните неколку дена, а сега кога ја гледам со комплетна каросерија е многу возбудливо. Неверојатно е, но се надевам дека ќе биде неверојатно и кога ќе го возиме за еден час, изјави шефот на тимот на презентацијата на болидот.