Formula 1: Официјална презентација на Aston Martin АМР22 / ФОТО+ВИДЕО
Откако тимот на Haas објави фотографии од својот болид за новата сезона, а Red Bull направи официјална презентација во која всушност повеќе криеше отколку што откри, Aston Martin е третиот тим кој го претстави својот проект за 2022 година
Болидот наречен AMR22 е откриен во седиштето на Aston Martin Lagonda во Гејдон. Што се однесува до неговата надворешност, воочливи се посветлите линии во боја на лимета, наместо розовите линии кои го красеа минатогодишниот болид. Аеродинамички, според новите технички правила, ова е сосема поинаква приказна во однос на AMR21.
The #AMR22 has arrived. #WeClimbTogether pic.twitter.com/JR1mP42E7w
— Aston Martin Aramco Cognizant F1 Team (@AstonMartinF1) February 10, 2022
Тимот во сопственост на Лоренс Строл влегува со големи амбиции во новиот шампионат и ќе бара исчекор во горниот дел од шампионатот за конструктори, а возачката постава останува иста како и минатата сезона – Себастијан Фетел и Ленс Строл.
„Погледнете го болидот! Па кој не би бил возбуден кога знае дека му претстои тркање со него“, се запрашува Фетел. „Што се однесува до надежите за сезоната, мислам дека никој не знае што да очекува. Имаме нови правила и секако сите тимови ќе се надеваат дека работните задачи ги завршиле како што треба.“
„Сите сакаат да победуваат, вклучително и јас, и никој не би бил во Formula 1 доколку не сонува за победа. Главната работа е да продолжиме да напредуваме и да одиме по нагорна линија. Ова е само втора година во петгодишниот план, така што се уште сме прилично блиску до почетокот, но овој тим има големи амбиции и големи планови. Исклучително сум возбуден што ќе бидам дел од тоа“, изјави Фетел.
Минатата сезона Aston Martin не го постигна успехот на кој се надеваше. Фетел ја заврши сезоната на 12-то место во шампионатот за возачи, а Строл скалило подолу. Освен германскиот подиум во Азербејџан и петтото место во Монако, малку беа настапите со позитивен предзнак. Најдобар резултат на Строл беше шестото место во Катар.
„Ова не е голема можност само за Aston Martin, туку и за сите други тимови. Треба само да веруваме дека завршивме подобра работа и знам дека сите вклучени работеа неверојатно вредно за да Себ и јас ја имаме најдобрата можна шанса. Во исто време, мора да бидеме реални за влезот во новата сезона“.
„Нашата главна цел е да се доближиме до лидерите во однос на минатата година. Тоа би значело напредок. Како што кажа Себастијан, невозможно е да се знае каде ќе биде кој тим кога ќе излеземе на патеката. И тогаш можеби нема да знаеме, додека не почнат квалификациите во Бахреин. Aston Martin има навистина мудри луѓе, така што јас сум оптимист и мислам дека можеме добро да напредуваме оваа година“, вели Ленс Строл.
Во рангирањето на конструкторите, Aston Martin минатата сезона ја заврши на седмото место, а во новиот шампионат ќе има нов тимски шеф. Отмар Шафнауер го менува Мајк Крак.