„Теренецот“ на Ferrari веќе оваа година влегува во производство
Ferrari Purosangue се очекува како модел со зголемен клиренс, пет врати и четири седишта
Најавено е дека ќе биде претставен во форма на купе кросовер, а со оглед на фактот дека станува збор за дел од италијанскиот егзотичен и суперспортски бренд, сосема е сигурно дека ќе понуди и извонредни динамички карактеристики.
Ferrari на тој начин ќе тргне по патека која никогаш не ја изодел. Сепак, ова не е ништо ново и уште од времето на Серџо Маркионе се знаеше дека ќе се случи и покрај тоа што славниот менаџер долго време се противеше на таква идеја. Сега има и официјална потврда дека првиот SUV со амблем на Ferrari ќе влезе во масовно производство (условно кажано), веќе во текот на 2022 година, додека продажбата ќе започне следната година.
Претставувањето на првиот модел на Ferrari со подигната положба на седење може да се гледа и на друг начин. Имено, не се ретки оние кои веруваат дека пристигнувањето на кросоверот Purosangue е доказ дека овој тип на каросерија може да биде погоден за суперавтомобили кои имаат спорт во крвта. Ако Lamborghini може да го понуди Urus со голем успех, а Aston Martin DBX додека во исто време и Bentley и Rolls-Royce ги произведуваат моделите Bentayga и Cullinan, тогаш може и Ferrari!
Моделите како гореспоменатите Urus, DBX, Cullinan и Bentayge не се за секого, па тоа нема да биде ни Ferrari Purosangue. Очекуваната цена е некаде во опсег од околу триста илјади евра, па и до половина милион евра, во зависност од верзијата и на кој пазар.