Објавен планот според кој Toyota ќе лансира дури 30 електрифицирани и електрични модели до 2030 година

На претставувањето на стратегијата за електричната иднина, Toyota го шокираше светот: во исто време беа претставени дури 15 нови концептни модели на брендовите Toyota и Lexus.

Дефинитивно, тоа ова е најголемата презентација од ваков вид во светот досега, и вклучува сè што можете да замислите, од градски автомобили, лимузини, теренци од сите облици и големини до пикапи и спортски автомобили.

Некои од нив се базирани на постоечки модели, но има и неколку целосно нови возила базирани на архитектурата e-TNGA наменети за електрични модели. Рака на срце, и јапонскиот гигант Nissan неодамна ја претстави својата стратегија за иднината со 23 нови модели до 2030 година, но во таа прилика ги покажа „само“ четирите најинтересни концепти.

На презентацијата, шефот на Toyota, Акио Тојода ги категоризираше возилата во два вида: модели кои ги намалуваат емисиите на јаглерод (HEV, PHEV …) и електрични возила со неутрални емисии на јаглерод (BEV, FCEV …).

Презентацијата започна со гамата bZ на Toyota (beyond Zero) на „модели за масовно производство со разумни цени“ која го вклучува bZ4X и четири нови концепти, сите базирани на архитектурата e-TNGA.

Меѓу нив се спортски компактен кросовер со линија на покривот во купе стил (bZ компактен SUV), дизајн B-SUV (bZ мал кросовер) за Европа и Јапонија со потрошувачка на енергија од 125 Wh / km, седан со средна големина (bZ sdn) кој изгледа како ривал на Tesla Model 3 и големо семеен SUV со три реда седишта (bZ Large SUV).

Ваквиот „салон на иднината“ како што го нарече Тојода ја содржи и понудата на луксузната марка Lexus, која го вклучува првиот електричен модел наречен RZ, кој всушност е сериска верзија на концептот LF-Z Electrified.

Потоа, тука е спортскиот електричен модел кој изгледа како наследник на LF-A со очекуван опсег од над 700 километри благодарение на батериите во цврста состојба и очекувано забрзување од 0 до 100 километри на час за само две секунди.

Прикажан е и концепт на голем теренец (Lexus Electrified SUV) и спортски седан на Lexus, кој се уште нема име. Вториот се појавува и во форма на хечбек на официјалните прикази, но и како кабриолет 2 + 2 со сличен стил.

Конечно, прикажана е и специјална серија модели наречена „разновидни електрични возила на Toyota“, која вклучува комерцијални возила како автономен мини-автобус, компактно комбе дизајнирано и за бизнис и за одмор и сестран градски електричен автомобил.

Електричниот Compact Cruiser, фокусиран на терен, ги вклучува стилските карактеристики на FJ Cruiser, а прикажан е првиот електричен пикап со двојна кабина, сличен по големина на Hilux или Tacoma, но со модерни дизајнерски карактеристики инспирирани од поголемата Tundra (се продава најмногу во Америка).

Понатаму, помалиот електричен SUV изгледа како електричен CH-R со многу динамичен стилски пристап, додека концептот на електричниот кросовер е нешто поголем и посуптилен по изглед и веројатно го претставува влезот на Toyota во сегментот C-SUV. Конечно, тука е спортскиот електричен автомобил со изглед на модел со централно поставен мотор зад две седишта што би можел да го претставува MR2 на иднината.

Сето ова е вклучено во реализацијата на планот на Toyota до 2030 година да претстави дури 30 електрифицирани и електрични модели и 3,5 милиони продадени единици.

До 2030 година, Lexus ќе има комплетна палета на електрични модели во сите сегменти бидејќи планира да стане целосно електричен бренд до 2035 година во Европа, Северна Америка и Кина со годишна продажба од еден милион единици.

За да ги постигне овие цели, јапонската компанија се обврза да инвестира огромни 2 трилиони јени (15,6 трилиони евра) во производството на батерии до 2030 година, што е за 500 милијарди јени (3,9 трилиони евра) повеќе од претходно најавеното. Toyota ќе инвестира и во различни опции за „јаглеродни неутрални“ модели, вклучувајќи ги FCEV и други видови возила со чиста енергија. 

Се со една цел. До 2035 година и Toyota и Lexus да станат јаглеродно неутрални автомобилски марки.

[useyourdrive dir=”1IWcmdV3A-EaS-YVzxiqByEhnMQwfCF1F” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]