Роналдо на маки: Наместо со Ferrari, на тренинг со Chevrolet Spark?
Наместо со нивните приватни, фудбалерите на Манчестер Јунајтед во кругот на стадионот треба да ги користат спонзорските автомобили
Ситуацијата во Манчестер Јунајтед е далеку од идеална. Клубот моментално е на шестото место во премиер лигата, а поради серијата лоши резултати неодамна беше отпуштен тренерот Оле Гунар Солскјер. На негово место е поставен Ралф Рангник, поранешниот тренер на германски Лајпциг, кој има свои методи и прилично строги правила.
Едно од тие правила може да предизвика ново тектонско пореметување во Јунајтед.
Имено, Рангник на своите играчи во Лајпциг своевремено им забранил да ги користат приватните автомобили во просторот околу стадионот, а англиските медиуми наведуваат дека истото правило ќе го воспостави и во Манчестер Јунајтед. Наместо свои, играчите треба да ги користат спонзорските автомобили. Во случајот со Јунајтед, тоа е Chevrolet.
Правилото треба да важи и за најголемата ѕвезда на клубот, Кристијано Роналдо, чиј фетиш се брзите, скапите и егзотични суперавтомобили, па ќе биде интересно да се види кој модел со значката на Chevrolet ќе го избере. Изборот е богат, меѓу другите тука се и култниот Camaro, електричниот Bolt, но и малиот економичен модел Spark.
Португалецот моментално поседува три Ferrari модели (599 GTO, Fiorano, F430), Lamborghini Aventador LP 700-4, McLaren Senna, Bentley Continental GTC, Aston Martin DB9, Rolls Royce Phantom, Porsche 911 Cayenne Turbo, BMW M6, Bugatti Veyron Grand Sport Vitesse, Bugatti Chiron, Bugatti Centodieci…
Наместо тоа, Роналдо хипотетички, наскоро би можел да дојде на тренинг во Spark од околу 10.000 евра.