Едно од пет возила продадени во Европската унија во третиот квартал е електрифицирано, додека побарувачката за автомобили со конвенционален погон продолжува да опаѓа, покажуваат податоците на индустриската асоцијација ACEA

ACEA, која ги претставува главните европски производители на автомобили, камиони, комерцијални возила и автобуси, вели дека пласманот на чисто електрични и plug-in хибридни автомобили сочинува нешто помалку од 19 проценти од вкупната продажба.

Продажбата на чисто електрични возила скокнала за речиси 57 проценти, на повеќе од 212.000 единици, додека пласманот на plug-in хибридните автомобили се подобрил за речиси 43 проценти (повеќе од 197.000 единици).

Мора да се признае, ова е побавна стапка на раст отколку во 2020 година, кога продажбата се зголеми речиси тројно, но од ниска основа.

Сепак, тоа одговара со 35 проценти помалата продажба на конвенционални бензинци, која се уште има најголем удел во продажбата, вкупно околу 40 проценти, додека продажбата на дизели паднала за повеќе од 50 проценти во текот на третиот квартал.

Пред помалку од десет години, дизелите учествуваа со повеќе од половина од вкупната продажба на автомобили во ЕУ, а во третиот квартал од оваа година бројката е само 18 проценти.

Покрај тоа што мора да се почитуваат построгите, новите еколошки регулативи на ЕУ поврзани со емисијата на јаглерод, производителите на автомобили и потрошувачите имаат корист од државните субвенции за електрифицирани возила.

Европската комисија, исто така, предложи ефективна забрана за возилата со фосилни горива од 2035 година, со цел да се забрза транзицијата кон електрични автомобили со нулта емисија, како дел од широк пакет мерки за борба против глобалното затоплување.

Повеќе бројки и информации на следниот линк: ACEA