Во првата половина на 2022 година, Volkswagen одлучува за фабрика за батерии во Источна Европа
За жал Македонија не е во оваа комбинација, бидејќи кандидати се Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.
Претходно оваа година, VW ги претстави плановите за изградба на шест фабрики за батериски ќелии низ Европа до 2030 година, со вкупен годишен капацитет од 240 гигават-часови, за да обезбеди резерви за офанзивата на пазарот на електрични автомобили.
Чешка, Словачка, Полска или Унгарија ќе бидат местото каде што ќе се гради една од фабриките, која со работа треба да започне во 2027 година.
Од Volkswagen велат дека не ја одложиле одлуката откако чешкиот министер за индустрија Карел Хавличек во понеделникот изјави дека неговата влада очекува одлука до крајот на оваа година.
„Како што знаете, она што треба да се земе предвид кога станува збор за донесување на оваа одлука се соодветните услови во земјата, економската средина, стратегијата за е-мобилност и рамката за субвенционирање“, вели портпаролот на Volkswagen.
Шефот на групацијата VW, Херберт Дис, како и Томас Шмал, технолошкиот шеф на германската компанија, во понеделникот ја посетиле Чешка за да разменат мислења со Škoda, како и да се запознаат со стратегијата за електрификација во оваа земја.
Првиот човек на Škoda, Томас Шефер, вели дека Чешка, како матична земја на неговата компанија, ќе биде идеална локација за „барем една“ фабрика за батерии.
Шпанската подружница на Volkswagen, Seat, исто така сака да има фабрика за батерии, која треба да се изгради во близина на фабриката во Марторел, Шпанија.
VW веќе ги избра Германија и Шведска за првите две фабрики за батерии. Третaтa ќе биде во Франција, додека онaa во Шпанија или Португалија ќе започне со работа до 2026 година, рече Шмал за време на VW Power Day во март.