Респект: Toyota Mirai постави нов светски рекорд – 1.360 километри со еден резервоар
Кога некој производителот објавува дека поставил нов светски рекорд, тоа обично се однесува на максималната брзина или времето постигнато на тркачка патека.
Но има и некои други работи кои се многу попрактични, а една од нив е ниската потрошувачка.
Со текот на годините, многу производители на автомобили се труделе да поминат што е можно повеќе растојание со помош на еден резервоар и тоа во огромно мнозинство случаи, тоа биле возила напојувани од мотори со внатрешно согорување. Меѓутоа, во овој случај, станува збор за автомобил кој се движи со помош на електрична енергија произведена од водородни горивни ќелии, а тука Toyota сега за сега се чини дека е неприкосновен лидер.
Toyota, како што е познато, се залага за водородната иницијатива и тоа не го крие. Сосема логично, автомобилот избран за ова достигнување е втората генерација на Mirai, во овој случај управуван од Вејн Гердис со Боб Вингер како копилот.
Ако овие имиња звучат познато на некого, станува збор за тандем познат по поставување рекорди во однос на ниската потрошувачка на гориво во Соединетите држави. Последниот пат кога се здружија во еден потфат, поставија Гинисов рекорд за најниска потрошувачка во категоријата нехибридни автомобили.
Гердис и Вингер се меѓу луѓето во Америка кои поминуваат најдолга километража. Сепак, тие овој рекорд не го постигнале само со возење по регионални и автопатишта во раните утрински часови кога нема сообраќај. Овој тандем возел и во текот на утринскиот и попладневниот шпиц околу Сан Диего, возејќи добар дел од патот долж брегот на Пацификот.
По дводневно внимателно и пресметано возење, Гердис и Вингер успеале да поминат вкупно 1.360 километри со предметното Mirai. Ова е потврдено и од комисијата на Гинисовата книга на рекорди. Вкупната потрошувачка изнесувала 5,65 килограми водород, што е двојно помалку од номиналната вредност на EPA за верзијата XLE.