Сосема ново искуство: наскоро доаѓаат дигиталните автомобилски клучеви
Паметните телефони можат да направат скоро се. Ако зборуваме конкретно, Samsung Galaxy, наскоро ќе може да го замени физичкиот клуч за автомобилот. Новиот систем се базира на NFC и UWB технологии за пренос на пристапни кодови
Ова за првпат беше најавено во јануари на промоцијата на Samsung Galaxy S21, а Hyundai деновиве откри дека претстојниот модел Genesis GV60 ќе биде првиот кој ќе работи со новиот модел на дигитален клуч на овој производител на мобилни телефони – барем за сопствениците на GV60 кои живеат во Кореја.
Дигиталниот клуч користи NFC и ултра широкопојасни (UWB) технологии за да им овозможи на возачите пасивен пристап до нивните возила. Се додека вашиот Samsung Galaxy е со вас, возилото ќе се отвори автоматски кога ќе му пристапите. Клучот, исто така, може да се сподели со „семејството и пријателите“. Сепак, ќе мора да се користат одредени модели на телефони како што се Galaxy S21+ или Note20 Ultra или пак Z Fold 2 или 3 за системот да функционира. Системот е дизајниран да работи и на Android верзија 12 и понови, под претпоставка дека телефонот има UWB чип, иако би требало да работи и преку NFC технологија.
Заедничка соработка на две компании
Hyundai го промовира вградениот Secure Element (eSE) на Samsung во однос на заштитата на податоците. Системот за пренос се базира на UWB технологија и е многу отпорен на пресретнување, клонирање или мешање. Оваа нова дигитална функција се очекува да се појави во Кореја до крајот на оваа година.
Google, исто така, во месец мај објави дека планира да започне да нуди сопствен систем за дигитални клучеви. Различно од она што Samsung го развива на своите модели за сега.
Apple, исто така, соработува со BMW за дигитален клуч за автомобилите на овој премиум производител. Со објавувањето на iOS 15, Apple соопшти дека ја проширува поддршката за користење на дигитални клучеви за автомобили, како и клучеви за куќи и хотели, преку својата апликација Wallet.