Audi Quattro се враќа – во електрично издание / ФОТО
Германската компанија E-Legend накратко ќе ги оживее спомените за познатото Audi Quattro благодарение на својот модел кој e омаж на рели легендата
„Нашата цел е да го трансформираме аналогното возачко искуство во нова ера на електрична мобилност“, се вели во соопштението од E-Legend. Тој потфат ќе започне со пласман на моделот EL1, кој својата основа ја наоѓа во моделот Quattro, што може да се забележи по само еден поглед на овој електричен автомобил.
Претставниците на германската марка посочуваат дека малата тежина била приоритет при креирање на возилото. Тоа е постигнато со обилна употреба на пластика и јаглеродни влакна, што овозможило маса од само 1.680 килограми, што е добар резултат за еден електричен модел.
EL1 користи три електрични мотори, два се поставени напред и еден одзади, а вкупно 816 „коњи“ се испорачуваат на возачот. Забрзувањето до 100 km/h се постигнува за 2,8 секунди, 200 km/h за 10 секунди, додека максималната брзина е 255 km/h.
Предметниот EV се потпира на енергијаta од батерија од 90 kWh. Германците истакнуваат дека автомобилот е во состојба да помине 400 километри со полна батерија според протоколот WLTP.
E-Legend планира да лансира уште две електрични возила по EL1. Во меѓувреме, ќе започне со производство на наведениот ас кој ќе биде ограничен на само 30 примероци. Првите 12 единици ќе бидат составени во 2023 година, додека другите 18 автомобили треба да бидат подготвени за испорака до клиентите во 2024 година. Цената на основниот модел во Германија е 1,06 милиони евра.