По 66 круга бркање на патеката Каталуња близу Барселона, и интересно тактичко надмудрување, Луис Хамилтон дојде до нова победа во тековниот шампионат

Веднаш до него на подиумот застанаа Макс Верстапен во Red Bull и тимскиот колега на Хамилтон Валтери Ботас. Верстапен долго време го држеше првото место во трката по одличниот старт, но Mercedes успеа тактички да му овозможи на Хамилтон да го нападне Верстапен за победа.

Одлично четвртото место за Чарлс Леклерк во Ferrari пред Серхио Перез во Red Bull како петти и Даниел Рикиардо во McLaren Mercedes како шести.

Седми, осми и деветти беа Карлос Саинц, Ландо Норис и Естебан Окон, а последниот бод му припадна на Пјер Гасли.

Текот на трката

Верстапен започна подобро на стартот и го мина Хамилтон веќе во првиот свиок, додека зад нив Леклерк го престигна Ботас. Рикиардо исто така започна добро, пробивајќи се до петтото место, а Перез беше шести. Окон и Саинц загубија две позиции и паднаа на седмото и осмото место. До крајот на првиот круг, Верстапен му избега на Хамилтон за 1,7 секунди.

Редоследот на првите десетмина по првиот круг беше следниот: Верстапен, Хамилтон, Леклерк, Ботас, Рикиардо, Перез, Окон, Саинц, Норис, Алонсо.

Во четвртиот круг стигна известување од судиите дека го преиспитуваат стартот на Гасли.

Во почетните кругови, Ботас, откако ја загуби позицијата од Леклерк на стартот, постојано заостануваше околу секунда зад возачот на Ferrari и никако не успеваше да најде начин како да го помине Монаќанецот. Додека Ботас беше заглавен зад Ferrari, водечкиот двоец се издвои од останатите за скоро осум секунди до седмиот круг, а разликата помеѓу Верстапен и Хамилтон беше околу секунда и пол.

Во деветтиот круг, Цунода во AlphaTauri едноставно застана на патеката во свиокот број десет поради што на патеката излезе возилото за безбедност. 

Трката продолжи во 11-от круг, а единствената промена во поредокот беше Алонсо-Строл затоа што Канаѓанецот го престигна Шпанецот во борбата за десеттото место. Неколку моменти подоцна пристигна известување дека Гасли е казнет со бокс стоп од 5 секунди за лошо позиционирање на стартот од трката. 

Ситуација со безбедносното возило многу му помогна на Хамилтон, кој успеа да се доближи на Верстапен на секунда, а на моменти и во секунда, но не беше во позиција да го нападне Холанѓанецот. Ботас сè уште беше заглавен зад Леклерк.

Во 23-от круг Хамилтон се приближи на само 0,8 секунди зад Верстапен, што значи во DRS зоната. За тоа време, возачите зад нив започнаа да влегуваат во боксот за да ги заменат веќе истрошените меки гуми.Во 24-от круг во бокс влегува и Ботас следен од Окон и Норис.

Круг подоцна на замена на гумите влегува и Верстапен, а застанувањето беше малку побавно отколку што сме навикнале од Red Bull. Тој се врати на патеката зад Перез на петтото место, кое наскоро стана четврто откако Перез го пропушти.

Во Mercedes одлучија да го продолжат престојот на патеката за Хамилтон за да имаат шанса да го престигнат Верстапен во последната фаза од трката со посвежи гуми. Така, дури во 29-от круг Хамилтон оди по нови гуми, а веднаш зад него дојде и Леклерк кој се врати на патеката на четвртото место зад Ботас. 

Пласманот во 29. круг беше: Верстапен, Хамилтон, Ботас, Леклерк, Рикиардо, Раиконен (без ниедно застанување), Перез, Саинц, Окон, Норис.

Во 31-от круг, Хамилтон возеше најбрз круг, 1,4 секунди побрзо од Верстапен во истиот круг. До 35-от круг, тој се приближи на помалку од една секунда зад Макс.

Хамилтон ја бркаше можноста да нападне и да го престигне Верстапен. Тој постојано беше на околу една секунда зад Холанжанецот, но Макс беше постојано побрз на клучните делови од патеката.

Откако Кими конечно отиде на бокс во 39. коло, редоследот беше: Верстапен, Хамилтон, Ботас, Леклерк, Рикиардо, Перез, Саинц, Окон, Норис, Строл.

Во 42. круг се случи изненадување – Хамилтон оди во бокс по втор пат и се враќа на третото место. Веднаш потоа стигна и тимската порака до Верстапен преку радио, „повторно како во Унгарија во 2019 година“.

Хамилтон со нови гуми круг за круг постигнуваше најдобро време и беше сосема јасно дека Верстапен ќе биде нападнат од Британецот во последната фаза од трката.

Во 47-от круг Перез конечно го престигна Рикиардо за петтото место, а круг потоа Рикиардо и Саинц по втор пат одат на бокс. На патеката се вратија на осмото и деветтото место.

Во 53-от круг Хамилтон минува пред Ботас кој иако неволно поради тимска наредба беше принуден да го пропушти Британецот. Разликата помеѓу Верстапен и Хамилтон во тој момент беше околу 11 секунди. Круг подоцна Ботас оди во боксот по комплет меки гуми и се враќа зад Леклерк, за да во 58-от круг и го престигне во борбата за последното место на педесталот.

Во 59-от круг, на седум круга до крајот, разликата помеѓу Верстапен и Хамилтон е само 1,3 секунди! Кругот подоцна е веќе под секунда и со помош на DRS престигнувањето на Верстапен беше неизбежно! Веднаш на крајот од кругот, кога веќе беше јасно дека трката е загубена, Верстапен по втор пат оди во бокс по сет нови меки гуми за можност да го брка едниот бод за најбрз круг во трка.

Хамилтон стигна до третата сезонска победа, а Верстапен мораше да се задоволи со дополнителниот бод на најбрз круг и второто место на пиедесталот.

2021 Spanish Grand Prix / Резултати

2021 Spanish Grand Prix / Race Highlights

Следната трка се вози во Монако за две недели.