Конечно и тимот од Маранело го претстави својот нов болид за престојната сезона, а најголемо внимание привлекува комбинацијата од две црвени нијанси на болидот

Предниот дел од болидот е обоен во онаа црвена боја на која сме навикнати претходните години, додека задниот дел се прелева во потемна црвена, слична на онаа која беше видена минатата година на трката за Големата награда на Тоскана, за да се прослави илјадитата трка на Ferrari во Formula 1

Она што исто така го привлекува вниманието е светло-зеленото лого Mission WinNow на капакот од моторот.

Носот на болидот претрпел одредени промени, иако во суштина дизајнот останал ист како и претходните години. Од секоја страна се додадени неколку елементи, а од сликите се чини дека се направени одредени модификации под носот.

Ferrari одлучил два од развојните токени да ги потроши на развој на задниот крај на болидот, но тимот во својата презентација се обиде да го сокрие тој дел од болидот што е можно повеќе, особено во делот на подот.

Ferrari ги редизајнирал ладилниците за потребите на новиот мотор, така што има очигледни промени и во обликот на страничните отвори за воздух.

Вo Ferrari се надеваат дека со сите промени, ќе успеат да се искачат скалило погоре по катастрофалната 2020 година, иако досега сите во тимот изјавија дека не очекуваат да се борат за титулата во последната година со важечките технички правила.