Новата генерација на Opel Insignia пристигнува во 2023 година
Insignia ниту ќе биде повлечена од пазарот, ниту пак ќе премине во кросовер сегментот како што се шпекулираше минатата година
Со премиерата на новата генерација на Astra, Insignia ќе остане единствениот модел на Opel со гени од General Motors. Tака ќе биде до 2023 година, кога се планира да пристигне новaта генерација на овој автомобил. Не треба да се заборави дека Insignia минатата година беше темелно ажурирана, што ќе биде доволно за да преживее до доаѓањето на следната генерација.
Според германските медиуми, новата Insignia ќе остане верна на седан изведба со елегантен дизајн. Секако, Vizor дизајнот кој ќе стане заштитен знак на Opel, својата примена ќе ја најде и во овој модел. Огромни промени се очекуваат во салонот на возилото, со акцент на дигитализацијата, односно употребата на голем број дисплеи во ентериерот.
Следната генерација на Insignia ќе биде поставена на платформата EMP2 на групацијата PSA, како и сестринските модели Peugeot 508 и претстојниот Citroen C5. Оваа архитектура овозможува електрификација преку plug-in хибриден погонски агрегат, а нормално е да се очекува дека и Insignia ќе прибегне кон ваков тип на батериски автомобил.
Секако, ќе биде интересно да се види што ќе се случи со остатокот од моторната гама. Германските автомобилски новинари се убедени дека производителот од Риселсхајм ќе понуди и бензински и дизел единици.
Се верува дека Opel ќе ја претстави новата Insignia на почетокот од 2023 година, а првите примероци до сопствениците ќе стигнат есента истата година.