Во Кина произведена револуционерна батерија за електрични автомобили
Доволни се пет минути и вашиот автомобил е подготвен
Израелската компанија StoreDot развила нова литиум-јонска батерија за електрични автомобили која ќе полни целосно за само пет минути. Батеријата е развиена во Израел, но кинеската фабрика Eye Energy е одговорна за нејзиното производство и за сега имаат произведено само 1.000 примероци.
Овие 1.000 примероци ќе бидат искористени за презентација пред потенцијалните инвеститори, вклучувајќи ги TDK, Samsung Ventures, Daimler и British Petroleum.
Електричните автомобили во моментов не се погодни за долги патувања, потребно е долго време да се наполни батеријата, бидејќи за полнење се потребни од 30 минути до 12 часа.
Додека стандардните литиум-јонски батерии користат графит како електрода, батеријата на StoreDot има полупроводливи наночестички наместо графит кои им овозможуваат на јоните побрз проток со помал отпор. StoreDot, сепак, има намера да ја замени таа електрода до крајот на 2021 година со многу поевтина електрода од силициум.
Проблемот е во тоа што масовното производство на овие батерии не е можно и тие нема да се најдат на пазарот минимум уште неколку години.