Целта на ЕУ е 30 милиони електрични автомобили на улиците до 2030 година
Европската комисија до крајот на деценијата сака да има дури 30 милиони целосно електрични автомобили на улиците на ЕУ, како дел од планот за понатамошно забрзување на процесот на електрификација на Стариот континент
Bloomberg наведува дека имал увид во документ кој ќе биде објавен следната недела. За колку амбициозен план станува збор, говори и фактот дека во моментов на територијата на ЕУ има 1,4 милиони електрични автомобили. Се проценува дека до 2028 година во Европа ќе има околу 28 милиони батериски возила (вклучително ги тука и plug-in хибридните модели).
Сепак, планот на Европската комисија не се однесува само на автомобилската индустрија, напротив станува збор за поширока слика. Планирана е голема инвестиција во железничкиот сообраќај, особено во брзите возови, сето тоа како дел од желбата патувањата меѓу градовите до 300 километри да бидат ослободени од штетни емисии на гас. Покрај тоа, Европската комисија најавува и авиони и пловни објекти со нулта емисија на пазарот до 2035 година.
Желбата на европските бирократи е да ги направат сите начини на транспорт одржливи и со минимум штетни емисии на гасови. Покрај очекуваниот голем план за понатамошен развој на железничката инфраструктура низ Европа, се верува дека ќе се изврши дополнителен притисок врз производителите на автомобили во врска со електрификацијата.
Лидерите на Европската комисија се незадоволни од моменталното учество на електричните автомобили во продажбата и изјавуваат дека ги има премалку на патиштата. Тие исто така ќе повикаат на нов пристап кон овој проблем „кој ќе го стимулира купувањето на возила со батерии“.