За 2-3 години, технологијата на Французите ќе биде уште подостапна, вели првиот човек на компанијата

Откако го расклопиле на делови хибридниот систем Toyota Hybrid Synergy Drive, во Renault откриле дека цената на компонентите кои ги користат Јапонците е слична на цената на деловите во нивниот сопствен e-Tech систем. Прашањето е колку слична?

Шефот на француската компанија Лука де Мео во интервју за AutoNews изјави дека технологијата на Renault е „многу близу“ до таа на Toyota, и покрај јапонското 20-годишно искуство во однос на хибридната технологија. Тој уверува дека за 2-3 години неговата компанија „драстично ќе ги намали трошоците“ за системот е-Tech, која принципиелно е слична со технологијата на конкурентите.

Renault e-Tech исто така користи паралелен хибриден систем кој му овозможува на автомобилот да работи само на електрична енергија или на електромоторот да биде поддршка на работата на моторот со внатрешно согорување. Де Мео, исто така, вели дека расходите за системот на Renault дополнително се редуцирани со фактот што производителот не користи конвенционална трансмисија, туку менувач без спојка, заедно со втор електомотор кој што ја синхронизира работата на моторот и електричниот погон. Toyota има сличен систем наречен E-CVT.

Дали се прашувате како Renault успеа да ја стигне Toyota и покрај тоа што јапонската компанија се смета за основоположник на хибридниот погон уште од 1997 година? Одговорот лежи во Formula 1. Де Мео потсетува дека француската компанија работи на хибридни технологии веќе една деценија, користејќи ја експертизата на инженерите од F1 тимот на Renault.

Интересно е да се напомене дека Renault не ја споделува својата хибридна технологија со своите партнери во Nissan. Запрашан за тоа, Лука де Мео вели:

„Истото прашање им го поставив на моите колеги кога дојдов овде. Но, историјата е историја“. 

Тој додава дека е-Tech е „поприлагодена технологија за европските услови“ отколку системот на Nissan.